Ослободителна пресуда за Пале Иловска и укинат домашниот притвор
Основниот суд во Велес денеска донесе ослободителна пресуда, ја ослободи од обвинението велешанката Павлинка Пале Иловска за кривичното делот убиство во миг и го укина куќниот притвор што го издржуваше од 29 септември, минатата година до денеска.
Образложувајќи ја ослободителната пресуда, судиката Габриела Гајдова рече дека Иловска се бранела од сега покојниот Александар Ристовски, со кого шест години живеела невенчано, кога на 29 септември, минатата година, тој под дејство на алкохол за последен пат физички и вербално ја напаѓал во нејзиниот дом во Велес. Поранешниот полицаец, сега покоен, прво ја навредувал со погрдни зборови и ја нарекувал „курва“, „недомаќинка“ и слично за потоа влечејќи ја за горниот дел од пижамата од спалната соба се до кујната кадешто ја удирал со боксови по главата, нозете и рацете.
-Согласно Кривичниот законик, нужна е одбраната која е неопходна. Нападот и одбраната се неопходни елементи. Тој ја влечев, клоцал, ја стегал околу вратот што неспорно се утврди од записникот за увид, по самиот увид кога обвинетата имала телесни повреди, изразени на главата, ногата и на вратот, овие докази се од телесниот преглед на обвинетата, рече судијката Гајдова.
Таа додаде дека обвинетата Иловска се наоѓала во животозагрозувачка состојба што било потврдено во психијатрискиот наод и констатираше дека правната доктрина дозволува нападнатиот да се брани. Исто така Гајдова потенцираше дека сега покојниот Ристовски бил во несразмерна физичка конституција во споредба со Иловска.
-Во исказот на обвинетата и во психијатрискиот наод е утврдено дека од тоа што покојниот силно ја стегал за вратот, губела здив, па дејствијата биле насочени кон одбрана, додаде Гајдова.
Во еден момент, за да си го спаси сопствениот живот таа успеала да го дофати ножот со којшто му нанела повреда во пределот на градниот кош додека тој ја давел што говори дека кривичното дело што е сторено е во нужна одбрана и не е кривично дело. Исто така, Иловска и покрај претрпениот ужас се обидела да го спаси прободениот партнер со тоа што му давала прва помош, се јавила во Брза Помош и од каде по телефон ги слушала напатствијата на лекарите и имала за цел да му помогне.
На донесената ослободителна пресуда од страна на Основен суд Велес, како и укинатиот притовр, жалба најави Јавниот обвинител на ОЈО Велес.
По соопштувањето на пресудата Иловска со солзи во очите го прегрна адвокатот Димитар Петрулев а потоа видно вознемирена на новинарското прашање дали ќе даде изјава, одговори: „Верувајте дека не можам“.
-Имавме правично и фер судење. Врз основа на сите изведени докази во целина судот правилно ја утврди фактичката состојба и донесе законита одлука. Сакам само да напоменам дека со ваквиот потег од страна на судот е охрабрувачко и се докажа дека член 9 од казнениот законик не е само паушално наведен туку видовме дека има примена на истиот. Секоја страна има право на жалба, најавата на обвинителството е правен лек се надевам дека ќе го искористат. Од моја страна усно се пријавени закани по нејзиниот живот додека таа издржуваше мерка куќен притвор и се надевам дека ќе дојде до реализација и на тоа дело. Сметам дека таа се плаши од заканите што и се упатени, додаде Петрулев.
Убиството на Александар Ристовски, полицаец, се случи, претходната година на 29 септември во семејната куќа на Пале Иловска во Велес. Случајот денеска доби судска разрешница а во изминатите месеци беше многу актуелен. Пале Иловска доби поддршка од многу граѓани, граѓански организации меѓу кои и Хелсиншкиот комитет чиишто набљудувачи го следеа судското рочиште.
Убавка Јаневска