Падна порталот на Фондот за здравство, ординациите беа празни а граѓани останаа без нови матични лекари,упати и терапија

Целосно надвор од употреба денеска е порталот на Фондот за здравство. Матичните лекари во Велес не можат да примаат нови пациенти но и да напишат упати за специјалистички прегледи или да препишат терапија. Не може да се следи ниту исплатата на породилните боледување. По затворање на една приватна здравствена ординација во Велес дел од 5 000 пациенти останати се без нов матичен лекар.
Дума.мк лично се увери дека порталот не работи. Сосема бели беа екраните на компјутерите на кои работат матичните лекари во три приватни ординации. Тие не го прикажуваа стандардниот клауд приказ на програмата во која се внесуваат податоците за пациентите.
Дел од матичните лекари ни изјавија дека порталот на ФЗО не може да се управи по хакерскиот напад од 8 февруари,годинава. Неговата работа ја оценија како „падни – стани“ поточно велеа дека порталот работи па не работи па пак работи. Според нив во таква состојба во изминатите скоро пет месеци работеле и кога ќе побарале одгорот од ИТ одделението на Фондот добивале информации што ги наведуваат на мисла дека проблемот или е во техничките капацитети на порталот или во тимот којшто со него работи.
Иако Дума.мк испрати прашања до Фондот во кои побара одговори за причината на паднатиот портал и зошто во изминатите скоро пет месеци матичните лекари не можат нормално да работат, од таму само на телефон кратко ни беше одговорено дека ИТ тимот работел на отстранување на технички проблем. Ирфан Лимани беше категоричен дека порталот до вечерва ќе биде вратен во функција.
Денеска и на претседателката на Здружението на приватни лекари, др Лилија Чолакова Дервишова и било одговорено од раководителот на ИТ секторот на фондот дека во најскоро време матичните лекари ќе добијат нов линк за поврзување со порталот со кој ќе се надминат техничките проблеми.
Убавка Јаневска
