Панче Жежовски бил грабнат, претепан, врзан а потоа убиен за да го даде автомобилот
На 22 ноември,годинава, четворица од осомничените според претходен договор, го грабнале Панче од неговиот дом во Велес. Го присилиле со тепање и врзување да го даде неговиот автомобил „цитроен“ за да го искористат за грабнување на Вања Ѓорчевска. Осмоничените потоа во близина на селото Рудник го убиле, а телото го закопале во јама.
„Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените,“ пишува во соопштението на Обвинителството.
Вчеравечер, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање соопшти дека велешанецот бил убиен надвор од неговиот дом и за што МВР ќе ги истражува сите детали и индиции доколку постои и вмешаност на повеќе лица во убиствата.
Два дена по грабнувањето на Панче Жежовски неговата ќерка го пријави исчезнувањето во СВР Велес. Потоа Министерството за внатрешни работи соопшти дека неговиот автомобил „цитроен“ е пронајден во близина на скопското село Бразда. Според исказите на осомничените а потоа и од досегашната истрага на обвинителството и МВР посочен за извршител на убиството е Љупчо Палевски. И на Панче и Вања.
Убавка Јаневска