Кандидатите за пратеници Димовски и Коџабашиев презентираа дел од проектите на изборната програма РЕАЛНО
Нови 70 илјади работни места е нашата цел во следните четири години и тоа е врвен приоритет на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија. Ова денеска од прес конференција го најави носителот на листата за пратеници во третата изборна единица Илија Димовски. Тој направи споредба, во времето на СДСМ на работа во Велес оделе само 9.831 граѓанин а сега таа бројка изнесувала 15.579 велешани. Тие добро паметеле, рече Димовски, кој ги затворил фабриките Порцеланка, Свилара, Лозар, Брако, Велеспром, Бетон, Младост, Пелагонија, ХИВ, Трансвелес.
– СДСМ од велешани создаде армија од 16.912 невработени и сиромашни граѓани, а Велес стана град без перспектива. Но сегашната слика се менува. 5.748 нови луѓе пронашле своја работа и егзистенција во домашните мали и средни претпријатија, во странските фабрики, а ги искористиле и мерките за самовработување. Во последните три години во Велес влегува нов капитал од над 72 милиони евра. Со тие средства се градат нови фабрики и се рестартираат компании во веќе постоечките хали на поранешните фабрики. По 20 години отворена е нова фабрика Маркарт, а веќе во првиот квартал од 2017 со работа ќе отпочне погонот за производство на кујнски производи на БРГ Груп холдингот во поранешна Порцеланка, во кој за период од 5 години треба да се вработат 1000 наши сограѓани, рече Димовски.
Прес конференција денеска одржа и кандидатот за пратеник Ѓорѓи Коџабашиев. Тој ги најави проектите за водоснабдување и одведување на отпадните води предвидени во изборната програма на коалицијата. За нивна реализација ќе биле издвоени вкупно 59 милиони евра од кои 50 милиони од Европската инвестициска банка и девет милиони од Буџетот на Република Македонија. За Велес било предвидено реконструкција на водоводна линија за населба Превалец до село Оризари во вредност од близу 195 илјади евра, изградба на фекална канализација од Сујаклари преку Кумарино до Мамутчево, проект што ќе чинел 190 илјади евра.
– Фекална канализација за населбата Отовица, проект вреден 110.287 евра и покривање на отворен канал од фабриката „Благој Ѓорев“ до вливот во реката Вардар во вредност 98.131 евра. Само во општина Велес за реализација на овие проекти идната Влада на ВМРО ДПМНЕ ќе инвестира околу 1 милиони евра, рече Коџабашиев.
Коџабашиев ги најави и проектите кои се однесуваат на патната инфраструктура и останатите проекти за подобрување на квалитетот на живот во руралните средини./Д.С
