Педесет и тројца велешани поднеле барање до ОИК Велес, за гласање дома
До Општинската изборна комисија, до денеска, барање за гласање во домашни услови на 17 октомври, во првиот изборен круг на локалните избори поднеле вкупно 53 болни или изнемоштени лица. Рокот за поднесување на барање истекува утре вечер на полноќ.
Дотогаш ОИК Велес ќе ги прима документите коишто се потребни за да го остварат правото на глас и граѓаните од оваа категорија на граѓани.
– Граѓаните доставуваат известување дека болно или немоќно лице сака да гласа со медицински доказ за болеста во оригинал или копија или важечко решение за користење на туѓа нега од трето лице. Документите можат да се достават преку полномошник или по електронски пат на официјалниот маил – [email protected]. Едно лице може да пријави најмногу две болни односно немоќни лица, рече секретарот на ОИК Велес Душица Јованова.
Лекарско уверение издадено од матичен доктор без приложена медицинска документација од доктор – специјалист ОИК Велес нема да ги прифати поради недостаток и несоодветна документација.
Просториите на Општинската изборна комисија Велес се наоѓаат во објектот на Бирото за развој на образование до Архивот или спроти поранешната зграда на АТД диспанзерот.
Убавка Јаневска