Половина од деветтоодделенците во Свети Николе своето образование ќе го продолжат во својата општина

Објавено на 23 јуни, 2025 во 10:53

Седумдесет и седум деветтоодделенци на првиот уписен рок се запишале во Средното општинско училиште „Кочо Рацин“ од Свети Николе, од кои 60 ќе започнат со наставата во прва година во учебната 2025/2026 година. Останатите 17 ученици кои не се запишани ќе имаат нова шанса да конкурираат во вториот и третиот уписен рок, кога ќе бидат намалени критериумите за прием.

Според конкурсот објавен од Министерството за образование и наука, училиштето има капацитет за вкупно 168 ученици во прва година, распределени во шест паралелки од различни образовни насоки – гимназиска и неколку стручни. Гимназиското образование го избрале 45 ученици, кои ќе бидат распределени во две паралелки. За стручните насоки е предвидено формирање по една паралелка за секоја, при што учениците ќе следат и практична настава и ќе стекнуваат искуство во компании од соодветната струка.

Основното образование годинава го завршиле 154 ученици во трите основни училишта на територијата на општина Свети Николе. Од нив, 63 ученици завршиле во ООУ „Гоце Делчев“, 69 во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, а 22 ученици во ООУ „Даме Груев“ во село Ерџелија. Ако се споредат овие бројки со бројот на пријавени ученици во првиот уписен рок, произлегува дека 49% од деветтоодделенците одлучиле да го продолжат своето средно образование токму во СОУ „Кочо Рацин“. Меѓу пријавените има само еден ученик кој доаѓа од друга општина.

Вториот уписен рок е закажан за 30 јуни 2025 година, кога ќе се спроведе електронското пријавување, додека на 1 јули ќе се доставува потребната документација. Третиот уписен рок ќе се реализира на 21 август 2025 година, со пријавување и предавање документи во истиот ден.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.