Во тек е реконструкција на локалниот пат кон село Каратманово, Општина Лозово
Објавено: 13 август, 2025, во 11:37 часот
Во Општина Лозово веќе дваесетина дена се изведуваат интензивни градежни активности за целосна реконструкција на локалниот пат што го поврзува селото Каратманово со експресниот пат А3. Реконструкцијата се спроведува во организација на локалната самоуправа, а градоначалникот Бошко Цветковски ја истакна важноста на проектот за жителите од овој рурален дел на општината.
-Овој патен правец е од суштинско значење за Каратманово и неговото поврзување со остатокот од Општина Лозово и другите населени места. Нашата обврска како локална власт е да обезбедиме безбеден, асфалтиран и функционален пат за сите жители, изјави Цветковски.
Со завршувањето на реконструкцијата, се очекува значително подобрување на сообраќајната комуникација, зголемена безбедност на учесниците во сообраќајот и целосно намалување на ризикот од оштетување на возилата.
Поради градежните работи, на терен е воспоставен посебен режим на сообраќај и кон село Каратманово моментално се врти преку селото Лозово.
Од Општина Лозово апелираат до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сигнализација и да се движат внимателно во делот каде се изведуваат градежни активности.
Стефани Манева


