Последен ден за пријава за бесплатен зимски одмор за деца од семејства во социјален ризик

Објавено: 2 декември, 2025, во 11:56 часот

Државата организира бесплатен зимски одмор за деца од семејства во социјален ризик, деца корисници на посебен додаток и деца без родители и родителска грижа за време на зимскиот распуст 2026 година. Заинтересираните родители уште само денеска, до крајот на работното време, можат да отидат во Центар за социјални работи Велес и да потполнат барање како единствен документ, бидејќи не се потребни други, дополнителни документи за да можат да ги однесат своите деца на зимување доколку припаѓаат на веќе споменатите категории.

-Станува збор за шестдневно бесплатно зимување кое го плаќа Министерство за социјална политика, демографија и млади со 5 полни пансиони, ноќевање со три оброка дневно, едукативни, забавни и спортски активности. Децата корисници на посебен додаток имаат право на придружник за време на одморот. Услугата вклучува и превоз на децата и нивните придружници до објектот и обратно, рече Боби Нецинов в.д директорот на Меѓуопштински Центар за социјални работи Велес.

Според Нецинов досега интерес покажале само двајца родители што значи дека слободни места има. Зимскиот одмор се реализира во смени, во месец јануари, во детско одморалиште на Попова Шапка. Сите пријавени добиваат известување по истекот на рокот за поднесено барање.

Како дополнување од Меѓуопштински Центар за социјални работи Велес ги прецизираа категориите за користење на бесплатно зимување поточно деца од семејства корисници на детски додаток, додаток за образование, гарантирана минимална помош, деца корисници на посебен додаток до 26 години и деца без родители и родителска грижа, родени во периодот од 2011 до 2015 година, редовни ученици во основно училиште, како и деца корисници на посебен додаток до 26 години.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.