Повредениот возач, во синоќешната сообраќајка, кај мостот над базен „Лидо“ пренесен е на скопски клиники „Мајка Тереза“
Поради здобиените контузиони повреди на глава и граден кош, скршеница на пршленски тела на кичма како и сериска фрактура на ребра, чија тежина е од животно загрозувачки карактер, повредениот К.Ќ (53) години, утрово, со болничка Итна помош бил транспортиран на скопски клиники „Мајка Тереза“ за понатамошно лекување. Според портпаролката на велешка Општа болница, Марина Андова, пациентот бил примен вчера вечер во Ургентна единица.
– Повредениот во Ургентната единица на Општа болница Велес бил донесен во 23:30 часот и веднаш му била направена радиодијагностика. Поточно тој бил снимен на Компјутерски томограф и направено било снимање на неговото цело тело, додаде Андова.
Според Татјана Ѓуровска од Сектор за внатрешни работи Велес, сообраќајката на улица .„Вардарска“ во Велес била пријавена, вчера вечер, во 22:45 часот. Тогаш било пријавено излетаното патничко возило „хјундаи гец“, со велешки регистарски ознаки, управувано од К.Ќ.(53) од Велес, надвор од коловозот.
-Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот К.Ќ., констатирани во Општа болница Велес. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од СВР Велес, соопшти Ѓуровска.
Патничкото возило излетало од коловозот на мостот над Градски базен „Лидо“ и паднало на железничката пруга. Интервенирала и екипа на Територијалната противпожарна единица Велес и помогнала при вадењето на повредениот од автомобилот. Пожарникарите ја исекле колата и го извадат повредениот возач. Потоа нему прва помош му пружила екипа на Итна помош на Здравствен дом Велес и го транспортирала до Ургентна единица на велешката Општа болница.
Убавка Јаневска