Приведени тројца дрвокрадци од неготинско, пронајдени околу 28 метри кубни огревно дрво без документација
Полициски службеници од Полициска станица Неготино, вчера, во 17:30 часот на местото „Бела Вода“ коешто се наоѓа во атар на село Калањево, неготинско, ги лишеле од слобода дваесет и седум годишниот Х.Ч од Неготино, шеесет и осум годишниот С.С и дванаесет години помладиот А.А од село Тимјаник, неготинско, поради постоење основи за сомнение за сторено кривично дело „кражба“ по член 235 став 3 од Кривичниот законик.
-При преглед на теренот, во дворно место од викенд куќа на Х.Ч. биле пронајдени околу 12 кубни метри огревно дрво без документација, пила и други предмети поврзани со делото. Во близина, исто така, биле пронајдени и две тракторски приколки натоварени со околу 10 кубни метри огревно дрво, сопственост на С.С. и А.А., и дополнително околу шест кубни метри дрво во близина на приколките, сите без документација, соопштија од Министерство за внатрешни работи.
За настанот била известена Шумска полиција, а дрвата, приколките и другите предмети биле одземени за понатамошна постапка. Лицата биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Дума.мк