Прогласени најдобрите наставници и најталентирани ученици по повод 24 мај – денот на СВ. Кирил и Методиј

Објавено на 21 мај, 2021 во 16:47
Прогласување на најдобри просветни работници и најталентирани ученици

Општината ја продолжува традицијата на одбележување на 24 мај денот на сесловенските просветители СВ „Кирил и Методиј“ со прогласување на најдобри просветни работници и најталентирани ученици во основно и средно образование во Велес. Годинешни добитници на наградата најдобри просветни работници се Лидија Ѓорѓиева, М-р Илија Настовски и Драгана Тевчева, додека за најталентирани ученици се Ана Бошкова од основно образование и Игор Стојков и Бојан Димовски од средно образование.

Најдобри просветни работници во Велес

Наставничката Лидија Ѓорѓиева од ООУ „Св.Кирил и Методиј“  наградата ја заслужи затоа што  во дваесет и пет годишната педагошка работа освен што образувала  десетици генерации на ученици и ученички исто така е најплодниот ментор во натрепреварите по бројот на освоени награди на локално, регионално и државно ниво. Ѓорѓиева е добитник и на многу интернационални признанија. Таа е препознатлива по инвентивноста, поттикнувањето и реализацијата на нагледни часови со  добар концепт и современ приод .  

М-р Илија Настовски, наставник по пијано во ООМУ „ Сефан Гајдов“, е активен учесник на државни и меѓународни натпревари и до сега има овоено повеќе од 290 награди и признанија.  Тие освен што се значајни за основното музичко училиште исто така се и за градот Велес што овој професор по музика го афирмира дома и надвор од државата.

Професорка по физика во СОУ „Кочо Рацин-Гимназија“, Драгана Тевчева, со своите ученици остварува високи резултати по физика и применета физика. И таа  е ментор на ученици кои добиваат награди на државни и меѓународни натпревари по предметите што ги предава. Професорката сопствените одговорност и креативност ги потврдила со пишување на проекти и остварила резултати при нивната реализација.

Најталентирани ученици во основно и средно образование

Особено внимание на денешната свеченост привлекоа најталентираните ученици во Велес.

Деветоодделенката Ана Бошкова од ООУ „Блаже Коневски“ наградата ја заслужи поради сестраниот талент покажан во образовниот процес и особено истакнувајќи се како одлична математичарка. Таа досега е добитник на награди и признанија.

Игор Стојков, матурант во ОСУ „Јовче Тесличков“, е пример за талентиран ученик со континуиран одлчен успех и во слободното време волонтер. Тој е меѓу малкумина македонски ученици кои успеале да се стекнат со награда за бизнисот и компјутерските науки во САД. Матурантот Стојков од септември ќе се образува на Универзитетот „РЕНЕПА“ во Москва, Русија со обезбедена целосна стипендија.

Покрај него, наградата ја доби и Бојан Димовски од ССОУ „Коле Неделковски“  исклучително добар математичар  со веќе освоен бронзен медал на „Македонската математичка олимпијада“ и бил учесник на „Балканската математичка олимпијада“. Тој  дел е и од проектот „Млади истражувачи“ на државниот Фонд за иновации.

Признание за посебен придонес во образованието преку волонтеризам

Оваа година поради ситуацијата предизвикана од корона вирусот, градоначалникот Аце Коцевски, одлучи да додели и признание за посебен придонес во образованието преку волонтеризам. Негов добитник е Трајче Станковски, наставник по одделенска настава во ООУ „Васил Главинов“. Тој со личен влог, нештедејќи го своето време и енергија, без надомест, веќе три децении неуморно го одржувал спортското игралиште во Превалец. Создавал услови за спортување на генерации и генерации ученици и го издигнувал духовното над материјалното.

Градоначалник на Општина Велес, Аце Коцевски

На сите добитници, честитки им упати и градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски.

-Признанијата вам нека ви бидат поттик да останете на врвот со постигнување уште подобри резултати во иднина и на вашите колеги и колешки, ученици и ученички бидете им пример на некој следен празник да бидат на вашите места горди на нивните успеси кои ќе бидат препознаени, рече градоначалникот Аце Коцевски.

Трио „Окарина“

Наградите на годинешните добитници им ги додели Градоначалникот, Аце Коцевски пред присутните родители и  членови на семејствата. На свеченоста присуствуваа и пратеникот Игор Здравковски, претседателот на Советот на Општина Велес, Кирил Гајдов, директори и директорки на училиштата, просветни работници и бројни ученици и ученички. Во услови на пандемија од ковид-19, свеченоста за прв пат се одржа во паркот пред зградата на Општина Велес, каде единствено настапи триото „Окарина“.  

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.

MIT License