Работилница по повод 4 Декември – Денот на лицата со телесен инвалидитет: Повици за поголема инклузија, еднаквост и системски промени
Објавено: 4 декември, 2025, во 15:56 часот
По повод 4 Декември – Денот на лицата со телесен инвалидитет, денес во хотел „Гарденија“ во Велес се одржа работилница посветена на значењето на овој ден, важноста од почитување на човековото достоинство и потребата од унапредување на условите и правата на лицата со телесен инвалидитет.
Настанот беше организиран од Меѓуопштинското здружение на лица со телесен инвалидитет на општините Велес, Градско и Чашка – Мобилност Велес, а присутните имаа можност да слушнат повеќе излагања, да разменат искуства и да укажат на предизвиците со кои се соочуваат.

Пред присутните се обрати секретарот на Мобилност, Гораст Велковски, кој напомена дека Денот на лицата со телесен инвалидитет не потсетува на важноста од вреднување на секој поединец и рушење на бариерите кои ги ограничуваат основните човекови права. Тој истакна дека овој ден е можност да се нагласи правото на секој човек на целосно и активно учество во сите сфери од животот – работа, култура, уметност и спорт.
-Сите наши активности и кампањи имаат само една цел, а тоа е да изградиме заедница со еднакви можности за сите, а со тоа да ја подигнеме јавната свест за солидарност, хуманост, емпатија и почитување на различностите, додаде Велковски.

Присутните ги поздрави и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, кој упати благодарност до Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет Мобилност Македонија и до Здружението Мобилност Велес за нивните континуирани заложби и добрата соработка.
-Мојата задача како градоначалник е во иднина да продолжиме заедно кон исполнување на целите, додаде Колев.
Работилницата ја модерираа магистер Катерија Витановска и дипл. психолог Марија Трајкоска Јованова, кои исто така ги споделија своите впечатоци.

-Искрено се надевам дека ова што денес го разработивме ќе постане траен дел од нашата професионална практика. Да изградиме институции во кои секој човек се чувствува виден, слушнат и почитуван, каде достоинството не е теоретска декларација, туку секојдневна, опиплива реалност, додаде Витановска.
Марија Трајкоска Јованова додаде дека атмосферата била исполнета со силна енергија и искреност.
-Имавме одлична и успешна работилница. Она што се виде кај луѓето е револтот што го имаат меѓусебно. Но можат многу повеќе, само треба да бидат малку погласни и поупорни, додаде Трајкоска Јованова.
Силен впечаток остави и изјавата на Моме Јакимовиќ од Куманово, лице со телесен инвалидитет, кој отворено зборуваше за проблемите со кои се соочуваат телесните инвалиди во Македонија.

Според него, најголем проблем е егзистенцијата, односно вработувањето. Тој истакна дека денес вработувањето често се врзува за партиски клуч, а младите инвалиди упорно бараат работа, но не можат да најдат. Јакимовиќ посочи дека државните институции ретко вработуваат лица со инвалидитет, што создава чувство дека тие не се добредојдени и дека се принудени да работат во заштитни друштва каде, како што рече, најчесто се вработуваат не поради хуманост, туку поради финансиски интерес.
-Во фирма во која треба да работат 17, работат 10, а меѓу нив инвалиди кои мораат да бидат многу продуктивни за да го надоместат недостигот, и сето тоа за минимална плата, додаде тој.
Јакимовиќ сподели и лично искуство, објаснувајќи дека и покрај факултетската диплома секогаш бил на одговорни позиции, но никогаш не добивал повеќе од минимална плата.
-Па сега јас ли сум крив што сум инвалид да зимам минимална плата и еве некој нека направи статистички податок колку е просецна плата на инвалидни лица во заштитни друштва. Таму се врши голема неправда спрема инвалиди иако газдите имаат голема корист од нас, заврши тој.
Целиот настан помина во духот на солидарност, поддршка и споделување реални проблеми, со заедничка надеж дека институциите, професионалците и граѓаните ќе продолжат да работат заедно кон создавање инклузивно општество со еднакви можности за сите.
Стефани Манева


