Делегација од Тиквешијата ги посети иселениците во Измир – Турција
Делегација од општините во тиквешијата деновиве беше во посета на иселениците од Македонија кои живеат во Турција. Во Ѓултепе – Измир се одржа манифестацијата „Македонски денови на културата“.
Оваа манифестација во училишниот двор во Ѓултепе ги собраа иселените македонци, чии корени потекнуваат од тиквешијата. Сите тие имаа желба да разговараат со македонската делегација, повторно да го слушнат својот мајчин јазик и да дознаат како денеска се живее во Македонија. Велат таа е во нашите срца и имаме желба да дојдеме и да ги посетиме нашите краеви, да се вратиме барем на кратко таму каде што се нашите корени.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателката на здружението на македонци, Хулија Јетишкин , а на сцената говореше и градоначалничката на Измир Сема Пегдаш.
„Се радувам што ве гледам во голем број и сакам да не заборавите дека само сплотеноста може да ве води напред до големи успеси“ порача Пегдаш.
За македонската песна и оро во Измир беа задолжени играорната група Румели и познатата балканска група Сако Бенд, но како специјални гости на вечерта настапија и дел од музичарите од тајфата на Димо Дулот, Фазли, Ранко, Аце и Џамбас.
Јовано Јованке, Битола мој роден крај и низа други само ја натераа публиката да се фати на оро. Си играше, а се сподели и големата радост. Манифестацијата имаше голема медиумска покриеност од тамошните медиуми.
Пред присутните се обрати и претседателот на Здружението на македонци во Турција Аднан Јетишкин кој на сите учесници им додели благодарници и плакети. Тој вети долга традиција на македонските денови на култура во овој град.