Семејството Јосифовски, од велешко Дурутовец, тврди дека искри од електрични жици на бандера им го пеплоса имотот но, ЕВН се оградила

Седум декари овоштарник со родни дрвца и две патнички возила марката „застава 750“ во сопственост на семејството Јосифовски се изгорени во пожарот во велешко Дурутовец од пред една недела. Огнот според Миливој и Стојанче Јосифовски го предизвикале искри од електричните жици кои минат над нивниот имот. Оваа информација им ја соопштиле соседите, очевидци, штом таткото и синот стигнале кај овоштарникот. Тој веќе бил во пламен. Јосифовски го гледале како гори додека го гаснеле огнот во правец кон плацот на кој имаат уште триесеттина автомобили.
-Свативме дека овоштарникот не може да се спаси па затоа со метли, црева и туби за вода, со се што имавме на располагање се вклучивме во гаснењето на огнот . Гореше тревата во правец на плацот со автомобили. Имавме среќа што брзо интервенираа пожарникарите и што се собраа голем број на граѓани. Ако не го запревме огнот ќе изгореа сите автомобили, рече Миливој Јосифорв.

Дрвени бандери со електрични жици има на имотот на Јосифовски. Една од нив се наоѓа на локација непосредно до овоштарникот. Токму електричните жици од таа, според очевидци, ги фрлила искрите и го предизвикала пожарот минатиот четврток, на 5 август. Тоа се случило попладнето околу 17 часот додека дуваше јак ветер.
– Наредниот ден, во петокот на 6 август, годинава, испративме барање до ЕВН за утврдување на состојбата и за надомест на штета. Нивна екипа дојде но во известувањето што го добивме тие се изземаат од одговорност. Тврдат дека бандерите не се под нивна надлежност затоа што се наоѓале на наша земја. За мене тоа не е логично. И ова не е прв пат. Ни се случи и пред две години иако тогаш на помала површина. Единствено што направи ЕВН пред две години беше зацврстување со анкер на една бандера и пред пет години откако гром удри во втора па поставија шпајц бетонски, додаде Стојанче Јосифовски.

Според него и неговиот татко нелогично е што ЕВН интервенирала на зацврстување на бандерите но се изземала од одговорноста за предизвиканата штета.

Дума.мк испрати мејл до ЕВН Македонија во кој побара став за одговорноста и надоместот на штета во случајот со изгорениот овоштарник, двете возила и бандерите на имотот на Јосифовски. Од компанијата, до моментот на објавување на информацијата, не стигна одговор.
Убавка Јаневска
