Сениха Брзева и Марјанчо Малинов се најдобри наставници во Општина Велес
Брзева награда за најдобар наставник по предметна настава ја доби, според оценките на жири комисијата, за посветена работа во ООУ „Панко Брашнаров” како наставник по математика, за професионалниот однос кон работата и колегите, за максимална посветеност и професионалност.
„Таа е колегијална, со искрен, одговорен и сестран пристап кон работните задачи и обврски. Умешна да балансира помеѓу другарски, но пред сè, на професионален начин да го пренесе знаењето на учениците и љубовта кон математиката. Применува работни техники и методи соодветни и прилагодени кон возраста на учениците, вметнувајќи доза на ведрина, позитивна енергија и создавајќи работна атмосфера која овозможува секој ученик да се чувствува прифатено во училишната заедница. Сениха Брзева со поттик за себенадградување и со мотивирачки настап пристапува кон учениците, но и кон личната и професионална надградба за што сведочат многубројните учества и добиени признанија на локални и национални семинари и обуки од страна на релевантни установи, институции и здруженија на граѓани,пишува во образложението на жири комисијата.
Малинов се стекна со годинешното признание затоа што неговите професионални вредности и уверувања за учењето во ССОУ„Коле Неделковски“, поучувањето и наставничката професија носеа професионални одлуки и врз основа на водечките принципи за професијата, ја планира и реализира наставата.
„Посветено ги идентификува специфичните потреби и интереси на учениците, ги мотивира, инспирира и вклучува согласно нивните различните особености и можности. Применува стратегии за инклузија на учениците со специфични образовни потреби и ги промовира взаемното почитување и демократските вредности.Во периодот мај 2022 година до мај 2023 година има учествувано на повеќе државни натпревари и освојува прво места во Иновации, прво место на државен натпревар на Електромашинските и собраќајните училишта, прво место на Еконва 2022, прво место на натпревар организиран од факултетот за електротехника и информациски технологии и Логинг електоникс, коавтор е на учебник Технички софтверски алатки, а не помалку се важни сите сите стекнати сертификати и благодарници,“ стои во образложението на жири комисијата.
Градоначалникот Марко Колев им ги врачи престижните признанија, денеска, на Свечена Академија по повод 24 Мај, Денот на Сесловенските просветители што се одржа во Голема сала на Општина Велес.
Во име на добитниците се заблагодари наставничката Сениха Брзева која издвои дека да се биде наставник е благодарна работа додека за да се биде добар наставник потребно е да се вложи голем труд.
„И посветеност и амбициозност се потребни без неизбежната мотивација. Ако не се нашите ученици тогаш ние не би биле добри наставници. Затоа ние постоиме за нив. Ги охрабрувам сите колеги, просветни работници, својата работа да ја работат посветено и со љубов“, рече Брезева.
Стефани Манева