Велешанката Шакира Зорниќ сега Сарајлика: „Носете поздрави во родното Црквино,на нашиот Велес и на Македонија“

На самиот влез во Градскиот покриен пазар во Сараево, на првата тезга во средниот ред, ве пречекува убаво лице на жена која со насмевка на лицето и милозвучен глас ве кани да го разгледате асортиманот на производи што таа го продава. Жената мора да ви го привлече вниманието без разлика дали сте влегле внатре за да стигнете до една од сувенирниците или цвеќарите. Од оваа жена поканата ќе ви биде упатена на босански јазик со сараевски дијалект. Таа така го привлече и нашето внимание. Застанавме за да возвратиме на љубезноста и разгледувавме што таа се ни нуди од сопствениот фрижидер.
Во аголот на сталажата имаше неколку тегли со ајвар кои што ја поттикнаа екипата на Дума.мк, меѓу себе и на македонски јазик,да констатира „да го пробаме македонскиот ајвар подготвен на босански рецепт“ а љубезната продавачка прозборе на македонски јазик и не праша:
„Јас сум Шакира Зорниќ, родена Македонка. Од Скопје ли сте? “
На нашиот негативен одговор таа продолжи:
„Дали знаете каде се наоѓа Титов Велес?“
А кога и возвративме дека ние сме од поранешен Титов а сега само Велес, Шакира излезе од задниот дел на тезгата, за да не прегрне, во исто време зборувајќи:
„Родена сум во село Црквино, крај Титов Велес. Таму живеев се додека не се омажив, тука, во Сараево. Тоа беше времето на поранешната наша држава, Југославија. Таму во моето родно село го поминав детството и учев во градот. Родното место никогаш не се заборава. За жал таму веќе немам никого, татко ми и мајка ми се починати, додека браќата и сестрите исто така се исселени, овде во Босна. Но каменот што си го газел како дете никогаш не се заборава. И сакам повторно да ги видам родното село и Велес, ако Бог ми даде здравје и подолг живот. Како е Велес, дали е многу промент, што во него е ново, опишете ми?“, не прашаше Шакира.
И извлече таа од нас информации, опишавме што се е променето, како сега изгледа центарот на Велес, при тоа жалејќи што не ги носевме со себе фотографиите за да и ги покажеме.
Веднаш следеше нејзиното наредно прашање како и поканата:
„До кога останувате? Бидете ми гости, во мојот дом.“
По нашиот одговор дека попладне се враќаме назад, во Велес, во Македонија, следеше разочарувачкото „штета“ и веднаш нова покана:
„При следното доаѓање, ве очекувам да дојдете на мојата тезга. Овде во Градски покриен пазар, сум секој ден од 10 до 18 часот. Мораме да се видиме и тогаш јас да ви бидам добра домаќинка во Сараево.“

И ветивме дека ќе го исполниме нејзиното барање раскажувајќи и при тоа дека ја испочитувавме босанската традиција, од легендата, според која доколку добронамерниците се напијат вода од чешмата во „Башчаршија“ тогаш повторно ќе дојдат во Сараево. Исто така и ветивме дека ќе и донесеме фотографии од Велес но и ќе фотографираме нови, од нејзиното родно место, селото Црквино.
На разделба сепак купивме неколку производи од нејзината тезга. Како да знаевме дека нејзините искрени препораки, за квалитетниот асортиман на млечни производи, се точни.
„Шакира, кајмакот и природно зрееното сирење се многу вкусни и квалитетни! Затоа те препорачуваме на нашите читатели, штом дојдат во Сараево, да те побараат во Градски затворен пазар“.
Убавка Јаневска
