Шест млади и шест акцијаши ветерани се Велешани во македонската бригада на ОРА „Нови Пазар 2025“, во Србија (видео)
Објавено: 14 јули, 2025, во 15:28 часот
Македонската Работната бригада со вкупно 32 бригадири ќе учествува во изградбата на нови 500 м2 плажа на езерото „Гази вода“ кај Нови Пазар, во соседна Србија. Од нив се 12 млади кои заедно со своите врсници од бригадите од Словенија, Босна и Херцеговина, Турција и домаќините, од Србија, ќе се натпреваруваат за добивање на значката Ударник на траса и во попладневните слободни активности за да го добијат признанието „Најдобра бригада“ на ОРА „Нови Пазар“, рече Делчо Костов претседател на ЗГ„Велешки акцијаши“.
Акцијата во Нови Пазар засега е единствена на просторите на државите од поранешна Југославија којашто ги негува доброволната работа и подобрувањето на условите за живот на граѓаните во локалната заедница. Според Костов, има најава за организирање на Доброволна Акција и од страна на Сојузот на акцијашки здруженија на ветерани на Словенија. По обединувањето на поранешните акцијаши сега ветерани во Р.Хрватска започнат е процес и во Р. Црна Гора.

Поранешните младинци и акцијаши сега бригадири ветерани се обединуваат со цел на продолжување на мисијата да се работи без пари и да се даде придонес без разлика во која држава од поранешната се живее и работи.
Костов потенцира дека оваа добра поранешна младинска практика веќе наесен и во Велес ќе донесе дел од поранешните бригадири и акцијаши на одбележување на јубилејот „40 години МРА Бабуна 1985“. Тогаш, на оваа акција, бригадирите го уредија подрачјето на излетничкото место „Бабуна“, на јужен излез од нашиот град.
Убавка Јаневска


