Што рече новиот градоначалник Колев во првата и што рече во последната изјава за медиумите досегашниот градоначалник Коцевски
На примопредавањето на функцијата Градоначалник на Велес му претходела работна средба на стариот и новиот Градоначалник на Велес, Аце Коцевски и Марко Колев, на која отвориле повеќе теми и разговарале за сите започнати и проекти што Општина Велес ги добила и којшто ќе треба да ги реализира во наредниот период.
-Градоначалникот Коцевски ме запозна со проектите и со нивните проблеми. Сакам да ја запознаам јавноста дека немам намера да закочам ниту еден од тие проекти туку, напротив, сите да ги поддржам и интензивно да работиме на нивна реализација, рече Градоначалникот Колев.
-Прво би сакал да потенцирам, со особено задоволство, дека ова што го правиме во Велес е многу важна и добра работа и тоа треба да служи како пример за сите други општини. Како треба мирно да се предаде власта без оглед кој ќе победи затоашто тоа е израз на вољата на граѓанките и граѓаните и ние тука ништо не можеме. Навистина сум горд на ова што се случи денес. Второ, со новиот градоначалник г-дин Колев имавме многу убав, констуктивен разговор. Јас сметам дека е коректно од моја страна, како досегашен градоначалник, да му дадам еден пресек за состојбата со општината, со вработените, потполнетоста на работните места во општинската администрација, за финансиската состојба, за тековните проекти кои се реализираат во моментов, за некои проблеми што се појавуваат во изградбата на Градски пазар како во долниот така и во горниот дел, нераспределените средства по грантови како тоа да се изменаџира, особено сега, во период на носење на Буџетот и Програмите на Општината и друго. Мислам дека беше корисно за двајцата и мило ми е што во една добра деловна атмосфера помина разговорот, рече Коцевски.
Во првата изјава на новиот и последна на претходниот градоначалник тие одговорија на повеќе новинарски прашања. Новиот градоначалник Колев на прашањето кој ќе биде неговиот прв приоритет во работата одговори:
-Сакам прво да се видам со јавната администрација. Втора работа откако ќе имам валиден потпис планирам неколку решенија да ги потпишам, тие што се подготвени и се спремни, и трета работа дискутиравме за проектот за Плоштад и паркингот којшто се наоѓа во центарот на градот, на три нивоа, со 100 паркинг места да видиме до каде е и да започнеме да работиме на тој проект, рече Колев и во исто време потенцираше дека меѓу нив нама да бидат решенијата за легализација на изградени објекти на бреговите на река Бабуна
Во одговор на новинарско прашање дали ќе останат на работа сите вработени во општинска администрација и дали новиот градоначалник ќе си донесе свој тим, Колев одговори:
-Јас сум добар познавач на состојбите во Општина Велес . Има тука доста квалитетни луѓе коишто работат но секако согласно со потребите, градоначалникот Коцевски ме информираше дека има слободни раководни позиции кои во изминатиот временски период иако биле ставени на пополнување никој не се јавил па ќе пробам и тие позиции да ги пополнам. Во делот на раководител на градежништво, урбанизам и се она што значи развој на градот, рече Колев.
Потоа Колев и Коцевски се поздравија по што новиот Градоначалник влезе во општинската зграда додека досегашниот си замина.
Убавка Јаневска