Годинешната велешка „Питијада“ ќе чини 7 милиони денари, договорите со музичките ѕвезди се потпишани а имињата ќе ги соопшти Општината не медиумите
Објавено: 22 јули, 2025, во 14:20 часот
Досега Општина Велес немала практика да ги објавува музичките ѕвезди, учесници на „Велешка Питијада“ пред 10 септември, рече градоначалникот Марко Колев пред советниците на вчерашната седница на Советот откако опозициските советници Игор Смилев и Пандорка Лазаровска Прличкова инсистираа да знаат зошто ќе се трошат дополнителни близу 35 илјади евра откако минатата година манифестацијата чинела 5 милиони денари.

Додека Смилев ја нарече „предизборна Питијада“ и заедно со Лазаровска Прличкова инстистираа на транспарентност тие останаа на барањето пред да кренат „два прста“ за предвидените 7 милиони денари да знаат дали градоначалникот Колев го сменил концептот на „скромна и градска манифестација на која како забавувачи се ангажираат македонски естрадни уметници и групи“.
Колев им одговори откако се колебаше дали да ги открие или не имињата на музичките изведувачи кои годинава, наесен, ќе настапат на „Велешка Питијада 2025“ нагласувајќи сепак дека премиерно тоа ќе го направела Општина Велес а не медиумите.
„ Досега никогаш не сме ги објавувале имињата на изведувачите пред еден месец од одржувањето на Питијадата. Тоа секогаш се случувало после 10 септември. Размислувам дали да ви ги откријам имињата или само да ви сугерирам. Значи се работи за една многу квалитетна и популарна македонска ѕвезда, една од најпопуларните хрватски ѕвезди и една од најпопуларните групи кои со години и години ги забавуваат граѓаните од сите делови на балканот и Европа. Другите се македонски ѕвезди, од повеќе жанрови, неколку групи за помладата популација. Секоја вечер имаме по четири освен првата пет до шест изведувачи. И ги знаете сите, еве да не биде моментот на објавување од страна на медиумите додека не ги објавиме ние, јас би се воздржал со имиња и презимиња, рече градоначалникот Колев.

Советниците на позицијата со 11 гласа „за“ го изгласаа буџет од 7 милиони денари за годинешната „Питијада“ додека 9-те опозиционери беа воздржани.

Претходно, во расправата на седницата, опозициската советничка Пандорка Лазаревска Прличкова рече дека сака да знае за што треба да гласа за да не се повторела состојбата од одржувањето на „Велешка Питијада 2017“ кога во извештајот било прикажано трошење на финансиски средства за прикажани 500 коњаци, 500 виски и други видови на алкохолни пијалоци. На ваквата забелешка следуваше одговорот на раководителката на Одделението за јавни дејности, Верица Тодоровска која образложи дека финансиските средства во висина од 7 милиони денари биле проектирани за трошоци воглавно за бина и озвучување кои чинеле 900 илјади денари, за редари кои вообичаено биле плаќани со 200 илјади денари и останатите финансиски средства за музичките изведувачи со кои општината постигнала договори коишто биле и пониски од останатите општини.
Убавка Јаневска

