Средношколци од економското училиште дел од симулирано судење во Основен суд Велес
Учениците од економското улилиште „Јовче Тесличков“, поделени во различни улоги на поротници, обвинет, бранител, Јавен обвинител, оштетен, денеска, во велешкиот суд учествуваа во симулација на судење за кривично дело „убиство“. Учениците ги распределија улогите на обнинет, бранител, сведоци и јавен обвинител. Така обвинет за кривичното дело беше ученикот Ѓоре Тодоровски додека во него го бранеше ученичката Мила Димовска. Спроти нив на обвинителското место седна ученичката Наташа Димовска во улога на Јавен обвинител.
Во текот на симулацијата како сведоци на обвинителството се појавија оштетената Сара Тодоровска, потоа во улога на психијатар се појави Елена Николовска, невропсихијатар беше Габриела Стојанова додека улогата на обдуцент ја имаше Ема Божиновска а на балистичар Моника Алтиева. Сите учесници во судскиот процес беа ученици освен судијката Габриела Гајдова. Учениците дадоа заклетва дека нивните искази нема да бидат лажни и дека ќе ја зборуваат само вистината. Додека останатите ученици во судницата седеа и со особено внимание го следеа симулираното судење како јавност.
Наташа Димовска во улога на Јавен обвинител рече дека чувството да се биде дел од оваа симулација е преубаво и возбудливо но работата во реалност е тешка и бара голема одговорност.
-Многу ми се допаѓа работата на Јавен обвинител. За време на симулацијата ми беше многу интересно. Оваа професија е премногу одговорна и тешка за работа. Ги охрабрувам сите коишто имаат желба и љубов да ја работат ова професија, да не се двоумат, додаде Димовска.
Денешната симулација ја водеше судијката Габриела Гајдова којашто рече дека после две години пауза,поради пандемијата предизвикана од коронавирусот, чуството повторно да се организира симулации е прекрасно.
– После две години пауза, повторно, во соработка со учениците од економското училиште „Јовче Тесличков“ и професорката Милка Петровски се организираше судење што успешно се заврши. Учениците многу солидно одговорија на улогите коишто им беа доделени. На самиот крај се одржа разговор со учениците во смисла за карактеристиките на судот, односно дека се работи за суд со проширена надлежност, потоа кои се неговите надлежности, како функционира судот па се до кривичната материја којашто денеска ја спроведоа во нивното симулирано судење, додаде судијката Гајдова.
Професорката по правни предмети Милка Петровски рече дека за учениците оваа симулација била вистински предизвик бидејќи за многу краток период спремиле симулација на едно од најтешките кривични дела.
-Содржината на судењето беше доста тешка. Станува збор за случај „убиство“ во коешто зетот ги убива родителите и сестрата на сопругата. Ова може да се класифицира како еден вид на најтешко кривично дело. За учениците оваа симулација беше вистински предизвик, за краток временски период да спремат вака комплексен случај. Можам слободно да кажам дека сум задоволна бидејќи симулацијата ја реализиравме во најдобар ред, додаде Петровски.
Оваа симулација е прва којашто ја организираат ученици од економското училиште „Јовче Тесличков“ од Велес. Симулацијата се одржа денеска на Европскиот ден на граѓански права.
Стефани Манева
фото: