Стотици жртви на семејно насилство, а ниту едно засолниште во Тиквешкиот Регион
Објавено: 16 мај, 2026, во 14:56 часот
Во Тиквешкиот Регион, во кој живеат повеќе од 65.000 жители, нема шелтер за згрижување жртви од семејно насилство, иако службените податоци од полицијата, од центрите за социјални работи и од организациите што нудат поддршка, несомнено покажуваат дека има голема потреба од вакви безбедни куќи.
Авторки: Марија Камчева* и Светлана Дарудова**
Зад мирните улици и познатите лица низ Тиквешијата, постојат приказни што ретко се слушаат. Приказни за страв, тишина и за преживување. Пријавувањето на семејното и на родово базираното насилството, особено во помалите средини, сѐ уште е табу-тема. Стравот, срамот, а најчесто и економската зависност, си го прават своето.
Оние што, сепак, се одлучиле да го направат тој чекор, често се соочуваат со систем што не е подготвен да им одговори соодветно.

Во Тиквешкиот Регион функционираат два меѓуопштински центри за социјална работа -во Кавадарци и во Неготино. Тие ја носат клучната улога во евидентирањето и во постапувањето во случаи на семејно насилство. Но, на ова подрачје со 65 илјади жители, и понатаму не постои ниту едно специјализирано засолниште — шелтер за жртвите на семејно насилство.
Во Кавадарци пријавите за семејно насилство растат
Во Меѓуопштинскиот центар за социјални работи (МЦСР) во Кавадарци, од 2023 година досега биле регистрирани 236 пријави за семејно насилство.
Она што дополнително загрижува е негативниот тренд, каде што секоја година бројот на пријави е во пораст.

„Во последните три години беше сместена една жртва на семејно насилство во шелтер центар во Велес. Постоењето на шелтер центар во нашиот регион, би било од особена важност, имајќи предвид дека жртвите на семејно насилство често имаат потреба од итно и безбедно згрижување, како и од постојана психосоцијална поддршка. Ваквиот сервис би придонел за побрза и поефикасна заштита на жртвите и нивна ресоцијализација. Во однос на конкретна најава, во моментот немаме официјални информации за отворање шелтер центар во нашиот регион, но потребата од ваков вид услуга е повеќепати констатирана од стручните служби“, изјавија од МЦСР во Кавадарци за „Локал Актив Вардар“.
Оттаму појаснуваат дека постапувањето по пријава за семејно насилство се врши во согласност со важечките законски прописи и со утврдените протоколи за меѓуинституционална соработка.
„По прием на пријава, се врши процена на ризик и се преземаат соодветни мерки за заштита на жртвата, во координација со надлежните институции (полиција, здравствени установи и др.). Во Центарот се обезбедени услови за доверлив разговор со жртвите, при што се почитуваат начелата на доверливост и на заштита на личните податоци. Во однос на кадровските капацитети, Центарот располага со стручен тим (социјални работници, психолози, педагози, правници), кој постапува во вакви случаи, во согласност со своите надлежности“, истакнаа од установата.
Недостига простор за постапување со случаи на семејно насилство во Неготино
Во Центарот за социјални работи во Неготино, пак, во последниве години нема значителен раст кај бројот на пријави. Сепак, додека во периодот од 2023 до 2025 пријавите достигнувале најмногу до триесетина, само во првите три месеци од оваа година веќе се регистрирани дури 18 пријави за семејно насилство.

Од Центарот велат дека во последните три години немало евидентирано сместување на жртви во шелтер центри.
„Потребата од шелтер центри за жртви на семејно насилство е препознаена на национално ниво, особено имајќи предвид дека ваквите услуги понекогаш претставуваат клучен механизам за итна заштита на жртвите. Досега на регионално ниво не е разговарано за отворање шелтер центар, но сепак отворање (и функционирање) на шелтер центар е врзано со подлабока анализа за потребите од ваков вид услуга и заштита на жртвите“, велат од неготинскиот Центар.
„Постапката за семејно насилство отпочнува по пријава од жртва, телефонски или лично, како и по пријава од институција (МВР, здравствена установа и слично) или, пак, од анонимно лице. Во зависност од случајот, се врши телефонски разговор и координација со МВР, доколку има потреба жртвата се носи на лекар, се пополнуваат соодветните обрасци и по спроведената постапка, во зависност од согласноста на жртвата, се носи одлука дали ќе се постапува и кои мерки ќе ги преземе Центарот. Кога станува збор за малолетни лица или постоење висок ризик, се формира мултисекторски стручен тим. Центарот нема доволен простор, па доколку има потреба од присуство на повеќе лица, се обезбедува една просторија за непречено спроведување на постапката“, појаснуваат од неготинскиот Центар за социјални работи.
Жртвите најчесто пријавуваат поплака од насилникот, а не инсистираат да биде кривично гонет
Дека семејното насилство е едно од најтешките кривични дела што во последните две години е во подем во Тиквешијата, тврди и Димитар Каракулев, пензиониран долгогодишен инспектор за превенција и поранешен претседател на општинскиот Совет против малолетничка деликвенција во Кавадарци.
„Она што е најпроблематично кај овие кривични дела е тоа што жртвите најчесто сакаат да пријават поплака за насилникот, при што бараат тој само да биде опоменат усмено или писмено, а не и да биде кривично гонет. Дури и ако жртвата пријави кривично дело семејно насилство, доколку таквата пријава не се процесира веднаш, се случува кога жртвата ќе биде повикана пред јавен обвинител и да ја потврди дадената пријава, таа се предомислува и ја повлекува пријавата, односно се откажува од кривичното гонење. Ова се случува од причини што најчесто жртвата се плаши од насилникот со кого живее во брачна заедница, се плаши да не остане на улица, се плаши дека ќе излезе од брачната заедница, се надева дека сето ова ќе помине можеби со некое предупредување без други санкции и парични трошоци на сметка на заедничкото семејство“, подвлече Каракулев.

Тој појаснува дека по пријавувањето на семејното насилство, службените лица прават брза безбедносна процена и може да предложат мерки за заштита на жртвата, какви што се отстранување на насилникот од домот во кој живеат, без разлика дали е во негова сопственост, како и мерката сместување на жртвите во безбедносни куќи, кои ги има во неколку региони од Македонија и каде што жртвата времено се обезбедува со храна, облека, лекарска и друга помош.
Ниту една институција не може целосно да го реши овој проблем
Психологот Катерина Витановска вели дека е важно да се разбере дека семејното насилство не е само физичко насилство.
„Постојат повеќе форми – физичко, психолошко или емоционално насилство, економско насилство, како и сексуално насилство. Психолошкото насилство може да се манифестира преку понижување, контрола, закани или изолација од семејството и од пријателите, додека економското насилство подразбира ограничување на пристапот до финансии или целосна финансиска зависност од партнерот“, појаснува Витановска, која е вработена како психолог во Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност Кавадарци.
Таа подвлекува дека жртвите на семејно насилство често не остануваат во такви односи затоа што сакаат, туку затоа што немаат реални услови за безбедно заминување.
„Често насилството не било присутно на почетокот на врската – партнерите можеби функционирале нормално, но подоцна поради злоупотреба на алкохол, дрога, коцкање или други животни стресови се појавува агресивно и нестабилно однесување. Најчести психолошки состојби што се регистрираат кај жртвите се страв, срам, ниска самодоверба и чувство на беспомошност. Многу често се развива пасивно-зависна релација со насилникот, а секако присутна е и надеж дека ситуацијата ќе се подобри“, вели Витановска.
Таа нагласува дека ситуацијата секогаш е покомплицирана кога во семејството има деца. Многу мајки, вели таа, остануваат во такви односи затоа што се плашат дека нема да можат сами да обезбедат стабилност, дом и грижа за децата. Притоа подвлекува дека, ако притоа се нема доволна поддршка од поширокото семејство или од околината, чувството на изолираност и на беспомошност станува уште поголемо.
Витановска додава дека улогата на здравствените работници е, пред сè, во делот на препознавање на насилството, давање психолошка поддршка и советодавна терапија во рамките на здравствената институција.
„Нашите надлежности се ограничени во рамките на институцијата, па затоа е потребна координација меѓу здравството, социјалните служби и другите институции, бидејќи ниту една институција сама не може целосно да го реши овој проблем. Кога една личност живее под континуиран стрес каков што е семејното насилство, не е реално да се очекува брза психолошка промена. Најпрво мора да се обезбедат услови за безбедност и стабилност“, децидна е Витановска.
Интервентен центар – помош, но не и решение
Според стандардите на Советот на Европа, на кои се темели Истанбулската конвенција, потребно е да се обезбеди најмалку едно место со засолниште на 10 000 жители. Тоа значи дека во Тиквешкиот Регион треба да функционира центар со најмалку седум семејни места за згрижување.
Граѓанските организации во Кавадарци алармираа до локалните власти за потребата од вакви засолништа. Иако не е доволна замена, во 2024 година во Општина Кавадарци беше отворен Интервентен центар за привремено згрижување жртви на семејно насилство, што обезбедува краткорочна заштита во итни состојби. Овој сервис претставува важна алатка за кризна интервенција, особено кога постои непосредна опасност по животот и безбедноста на жртвата и на нејзините деца.
Со овој Интервентен центар менаџира Здружението за родова еднаквост „Визија“, a се состои од пет опремени апартмани и една канцеларија.
Сепак, како што велат нивните претставници, интервентното згрижување е временски ограничено и не претставува трајно решение за жртвите.
„По истекот на рокот за привремен престој што максимално може да биде во временски период од три месеци, жртвите многу често повторно се соочуваат со прашањето – каде понатаму? Недостигот од долгорочно засолниште значи дека безбедноста останува под знак прашалник, а процесот на целосна ресоцијализација и економско осамостојување е значително потежок“, велат од здружението.

Покрај Интервентниот центар, во Тиквешијата функционираат две советувалишта за работа со жртви на родово базирано насилство и нивните деца. Едното е во рамките на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Кавадарци, а второто е Регионален советувалиштен центар за жени и за деца жртви на родово базирано насилство, раководено од Здружението за родова еднаквост „Визија“, што функционира со финансиска поддршка од четирите општини.
„Во овој регионален советувалиштен центар се даваат следниве социјални услуги за жртви на семејно насилство: советување за остварување социјални права, психолошка поддршка и психотерапија, правна помош, упатување и придружување до институциите, кариерно советување и економско јакнење“, велат од Регионалниот советувалиштен центар.
Зголемена потреба за заштита, советување и поддршка на жртвите
Од Регионалниот советувалиштен центар за жртви на родово базирано насилство добивме податоци дека во 2024 година, 35 жени побарале засолниште и помош во овој центар за жртви на родово базирано насилство. Веќе следната година, преку услугите на истиот Советувалиштен центар, 100 кориснички добиле поддршка, што е директен показател дека постои зголемена потреба за заштита и за советување на жртвите.
„Податоците покажуваат дека семејното насилство во Тиквешкиот Регион не е изолиран феномен. Жените сочинуваат огромно мнозинство од жртвите, а децата често се индиректно погодени. Иако постојат советувалишта и интервентен центар, системот останува структурно недоволен – без трајно засолниште, со ограничена правна помош и без 24/7 СОС специјализирана линија. Анализата и состојбата на Тиквешкиот Регион покажува дека постојните услуги и институционални механизми не се доволни за целосна заштита и поддршка на жртвите на родово базирано насилство. Потребен е координиран, стратегиски и одржлив пристап што ќе ги вклучи сите релевантни институции на локалната заедница“, велат соговорниците од овој центар.
Тие се децидни дека еден од клучните предизвици е отсуството на интегриран систем за водење регистар и евиденција на жртвите од сите релевантни институции, центри за социјална работа, полиција, здравствени установи, обвинителство и судови. Без централизирани податоци, тешко е да се планираат соодветни мерки, да се следат трендовите и да се процени ефективноста на законските решенија. Воспоставувањето функционален и координиран регистар, истакнуваат соговорниците, е предуслов за креирање политики засновани на реални податоци.
Ревизорите констатирале недоволна ефикасност на системот
Мерките и активностите на институциите не обезбедуваат соодветна и ефективна поддршка, заштита и реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство, покажа Извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) објавен минатата година.
Системот за заштита е сè уште недоволно развиен, а бројките за жртви и сторители на кривични прекршочни дела во врска со семејно насилство покажуваат загрижувачки континуитет, без подобрување на состојбата. Во 2023 година, мажите биле десетпати повеќе сторители на кривични дела од жените, додека жените жртви биле четири пати повеќе од мажите. Оваа состојба укажува дека обврските од Истанбулската конвенција остануваат неисполнети, пишува во документот, за кој ќе расправа и Собранието.
„Врз основа на добиените податоци и извршените анализи, со ревизијата стекнато е разумно уверување дека мерките и активностите не се доволно ефективни за превенција, поддршка, заштита и целосна реинтеграција на жените жртви на родово базирано и семејно насилство“, објавуваат од ДЗР.
„Според бројот на жители, во државата треба да има 184 легла во засолништа, а воспоставени се само 67 (37 %). Од нив 48 се од Центрите за социјални работи (ЦСР), а 19 од невладиниот сектор (НВО). Во однос на советувалишта, потребни се 19, а воспоставени се 11 (59 %), од кои седум од ЦСР, а четири од НВО.
Територијалната распределба е нерамномерна. Во Југоисточниот и во Североисточниот Регион нема ниту едно легло во засолништата на ЦСР, додека НВО обезбедуваат засолништа само во Скопскиот и во Југоисточниот Регион. Исто така, во Југоисточниот Регион нема воспоставено советувалиште, иако е предвидено едно. Со увид во дел од воспоставените засолништа и советувалишта, утврдено е дека голем дел од нив во претходниот период се користеле, но сега не се во функција“, пишува во ревизијата.
Патем се потсетува дека со одлука на Владата, во 2021 година е основано Национално координативно тело, чија задача е да го следи спроведувањето на Истанбулската конвенција и на националните политики за борба против насилство врз жените и семејно насилство и треба да промовира меѓуинституционална соработка.
„Утврдивме дека тоа не ги врши во целост своите надлежности и отсуствува интегриран систем на евиденција на жртвите, поради што не е можно да се обезбедат точни, навремени и унифицирани податоци од сите надлежни институции вклучени во процесот на превенција и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и семејно насилство и други информации релевантни за следење на состојбата за насилство врз жените. Ова оневозможува ефикасно следење на состојбата и креирање соодветни и навремени политики и мерки за заштита и поддршка на жените жртви на родово базирано и семејно насилство“, се наведува во ревизорскиот извештај.
Фрагментиран систем
Тиквешкиот Регион располага со одредени сервиси за поддршка, но системот останува фрагментиран — постои интервентен центар, но нема долгорочно засолниште. Постојат советувалишта, но без доволно специјализирани капацитети. Правната помош е законски загарантирана, но практично ограничена.

Граѓанските организации алармираат дека голем дел од жртвите остануваат во тишина и дека охрабрувањето за пријавување мора да биде проследено со јасна порака дека системот штити — а не осудува. Само така ќе се намали стравот од стигматизација и повторна виктимизација.
За да се постигне тоа, потребни се конкретни чекори. Стабилни буџетски алокации за советувалишта и организации што работат со жртви, редовни обуки за полицијата, за социјалните работници, за наставниците и за судските службеници. Потоа неопходна е поактивна улога на советите за социјална заштита и развивање локална стратегија за превенција во соработка со граѓанскиот сектор. Информациите за достапните сервиси мора да бидат видливи — во здравствени установи, училишта и во јавни простори.
Родово базираното насилство не е приватен проблем — тоа е јавна одговорност. Само преку вистинско партнерство меѓу институциите и граѓанскиот сектор може да се изгради систем во кој секоја жена, секој маж и секое дете ќе се чувствуваат безбедно и заштитено.
*Марија Камчева е активистка во Здружение за родова еднаквост „Визија“ од Кавадарци
**Светлана Дарудова е новинарка
Извор: Локал Вардар Актив


