Утрово прекин на железничкиот сообраќај во државата од работниците на велешка „Колска“ (фото+видео)
Скоро три часа, утрово, целосно беше блокиран железничкиот сообраќај во државата. Работниците на велешка „Колска“ ги блокираа трите патнички возови на железничките пурги на станицата во Велес во знак на револт затоа што железничарте не им дозволија без патнички билет да се качат во возот којшто во 06:25 сообраќа од Велес за Скопје. Требаше да одат на закажан протест пред Влада а немаат пари да извадат билет.
Девет месеци блокирана е жиро сметката на „Колска“ вели претседателот на синдикалната организација на ССМ, Тони Арсовски и не можат да се купат репроматеријали за репарација на товарните вагони кои се наоѓаат во фабричките хали.
-Денеска требаше да одиме пред Влада со гевгелискиот воз кој сообраќа од Велес кон Скопје во 06:25 часот. Пред Влада требаше да протестираме и да оствариме средба со министерот за транспорт, вице премиерот, премиерот, како и директорката на Управа за јавни приходи Сања Лукарева. Сакавме да дознаеме кои се плановите на власта за нашата фабрика бидејќи сме блокирани од УЈП за стариот долг. Само што се отворија вратите на патничкиот вагон, кондуктерот не извести дека без билет не смееме да влеземе во возот. Блокираната жиро сметка на фирмата, скоро една година не овозможува да се префрлат пари од плаќањето на синдикалната чланарина на синдикалната сметка. Синдикалната организација нема пари да го плати превозот на работниците. Затоа одлучивме да го блокираме железничкиот сообраќај до 09:00 часот, додаде Арсовски.
Тој додаде дека работниците на велешка „Колска“ не можат да влезат во халите и да почнат да работат на вагоните, дел започнати па оставени и дел нови, за сервисирање иако нивниот бројот е голем. Тоа значи дека фабриката има обезбедено работа но не може да купи репроматеријали.
-Во моментов имаме 20 товарни вагони и над 20 цистерни за меласа односно преработка на шеќер, но ние не можеме да ги сервисираме. Имаме и најава за товарни вагони за транспорт на јаглен. Тоа е доволно голем обем за работа. Но не е решен проблемот со блокираната жиро сметка. Како синдикална организација предложивме државата да го стави во мирување долгот и да ја активира сметката, да можеме со тие пари да купиме репро материјали и да функционираме одреден период без проблеми за да работиме. Но немаме повратен одговор. До сега работевме сомала количина на репроматеријали, останати по магацините, се снаоѓавме но нема веќе резерви. Имаме и над 15 транспортни коли растурени во хала а не можеме да ги собереме и сервисираме до крај што значи дека не можеме да земеме ниту плата, додаде Арсовски.
Денешниот протест на работниците на велешка „Колска“ траеше околу три часа но тие велат дека доколку утре повторно не влезат во утринскиот патнички воз за Скопје, ќе го блокираат железничкиот сообраќај до пладне.
Стефани Манева