Вардар и Бабуна во пораст, водостојот над просекот за ноември
Објавено: 21 ноември, 2025, во 14:32 часот
Утрово, мерните станици регистрираа значително зголемување на водостојот на реката Вардар во центарот на Велес. Според податоците на УХМР, измерени во 7:30 часот на мерното место „Стар мост“, водата достигна 184 сантиметри, што е за 74 сантиметри повеќе од вчерашните 110 сантиметри. За споредба, просечниот водостој на Вардар во ноември изнесува 73 сантиметри.
Хидролозите предупредуваат дека водостојот ќе продолжи да расте и во текот на утрешниот ден, поради зголемувањето на нивото на реката Вардар во Скопје и Тетово. Слична динамика е забележана и кај помалите притоки.
И реката Бабуна на мерното место Богомила бележи пораст. Утрово водата беше 50 сантиметри, додека вчера изнесуваше 38 сантиметри, додека просекот за ноември е 14 сантиметри.
Според надлежните, зголеменото ниво на реките е резултат на обилните врнежи во регионот и продолжува да се следи за можни превентивни мерки и заштита на населените места.
Дума.мк

