64-та Ретроспективна изложба на академски сликар Ангел Петров „Бојата на мојата душа“ во Ликовен салон Велес

Ретроспективната изложба ќе им прикаже на љубителите на ликовната уметност 87 дела колку што години живееше академскиот сликар Ангел Петров. Тие се создадени во повеќедецениско негово творештво. Избрани се 36 пејзажи, 25 актови и 26 коњи, поточно трите мотиви што го следеле Петров низ целиот негов творечки живот. Изложбата ќе биде отворена во понеделник, на 25 август во 19:30 часот.
„Во неговите пејзажи длабоко е втемелена занаетската прецизност, и убавината на велешкото односно македонското поднебје. Актовите се суптилни, внимателни, речиси срамежливи како извор на животот, а коњите кај Петров, тие не се само животни, тие се симбол на движење, емоции и слобода, истовремено потенцирана сила,“рече сопругата на Петров, Светлана.
Овие 87 дела не се случаен избор од големата оставштина на дела на Петров, тоа се дела што зборува за неговото богато уметничко творештво. Ангел Петров, со оваа Ретроспективна изложба остава трага која трае и ќе трае.
Академскиот сликар Ангел Петров (1933-2020) роден е во Велес. Уметникот ја имал привелегијата да се школува и да учи, во Средното уметничко училиште во Скопje, во класата на професорите Личеновски, Мартиновски, Коџоман и Борко Лазески.
Веќе во втората година, прогласен и награден бил како најталентиран од генерацијата.
Петров образованието го продолжува во Белград, во Академијата за применета уметност, која ја завршува во 1962 година, во класата на професорот Винко Грдан.
Веќе во наредната 1963, започнува самостојно да изложува за до крајот на својот живот и сега, постхумно организирана од неговото семејство, да реализира 63 самостојни ликовни изложби од кои 31 во Македонија и 32 во странство. Петров учествува на повеќе од 200 групни претставувања. Беше член на ДЛУМ од 1967 година. Негови дела се наоѓаат во многу музеи, галерии, кај приватни колекционери во земјава и странство.
Ликовниот опус на Ангел Петров се состои од повеќе ликовни фази: пејзажи, актови , коњи, портрети, акварели, мртва природа , декорации и стара архитектура. Работел масло, пастел, акварел, туш, акрилик и комбинирани техники.
За време на неговиот 60 годишен творечки опус Петров има добиено многу награди и признанија а дел од нив се Прва награда за најдобра „мртва природа “ во 1950 година, Скопје од страна на Средно уметничко училиште и професор Лазар Личеновски, највисоката општинска награда за животно дело „ГЕМИЏИИ“ во 2004 година на Општинa Велес како и повеќе награди за донаторство од Македонското друштво “Koчо Рацин” во Риека, Хрватска и други. Академскиот сликар Ангел Петров во 1980 година беше одликуван со Орден на трудот со сребрен венец.
