Велешани ги разбираат инвалидите, но целосно не ги прифаќаат!
Со еден куп проблеми се соочени инвалидите кои живеат во земјава и градот. Ова денеска беше истакнато на трибината на која се презентираше националната конвенција за правата на лицата со инвалидност. Од невладините организации на луѓето кои имаат инвалидитет истакнуваат дека во секојдневниот живот се соочуваат со најбизарни проблеми, од неможност за нормално движење во просторот, до прескапо лекување и помагала за нив.
„Јас верувам дека луѓето кои работат во институциите надлежни за решавање на нашите проблеми не разбираат, но сепак се пресметуваат во бројки и гледаат низ призмата на парите. Им порчувам да не се мисли само на материјалното туку и на тоа како се чувствуваат луѓето со инвалидитет кога секој ден се борат со неможноста да живеат како сите останати“, вели Бранимир Јовановски, претседател на здружението на граѓани „Мобилност“.
Сите се еднакви во Општина Велес, порача градоначалникот Горан Петров. Според него со самото тоа што советот донесе локален акциски план за лица со инвалидност сторил многу, а општината е на врвот на листата по почитување на правата на овие луѓе.
„Сепак има уште многу да се работи. Мора да најдеме начин како на некоја од локалните телевизии вестите да се емитуваат и со знаковен говор. Во иднина ќе поставиме и звучна сигнализација на семафорите, а општината планира да купи и печатач со браево писмо“, вели Горан Петров, градоначалник на Општина Велес.
Инвалидите пак порачаа дека теоретски ги имаат сите права, но во прака ништо не е реализирано. Инаку денешната трибина беше организирана по повод 3 – ти декември, меѓународниот ден на лица со инвалидност и годишнината од потпишувањето на меѓународната конвенција за правата на овие луѓе.