Помош и поддршка за лицата со попреченост во развојот!

Објавено на 12 април, 2013 во 14:36

Тим од дефектолог, психолог и физеотерапеут најмалку три пати неделно ќе посетува во Велес 30 и во Чашка 15 лица со попреченост во развојот. Со нив ќе разговараат и ќе им даваат терапија во домашни услови.

Внимание ќе се обрне и на семејствата, на родителите и најблиските, чии живот не е нималку едноставен и лесен. Станува збор за лица кои досега не се прифатени од ниедна институција, на локално или национално ниво, а имаат потреба од комуникација и терапија. Сакаме да им помогнеме, да им го осмислиме животот кој го живеат само во четири ѕида и да не дозволиме и понатаму да бидат препуштени само на семејството, вели претседателката на Здружение на лица со церебрална парализа Далиборка Златева.

„Проектот почна на почетокот на месец април и во 10-те семејства каде отидовме и ги посетивме наидовме на одобрување и срдечен пречек. Ни соопштија дека имаат потреба некој да дојде и да ги посети во нивниот дом. Ги запознавме и им укажавме на она што планираме да работиме. Прифатија индивидуално со нивните деца да работат дефектологот, психологот и физиотерапеутот. Психологот ќе работи и на групно советување на родителите заради тоа што кога во семејството постојат лица со пречки телесни или ментални многу е тешко да се опстане. Јас тоа го знам, лично сум го почувствувала и преживеала ,“ рече Златева.

Проектот, Сервис за поддршка во домашни услови на лица со попреченост, во Велес и Чашка првично ќе се реализира со финансиска помош на ЦИРА и Швајцарската агенција за развој. Потоа од здружението очекуваат помош од двете општини, Велес и Чашка, како и од министерството за труд и социјала.

„Ја очекуваме поддршка на сите институции бидејќи ова што ние го правиме е поттикнато од семејствата на лицата со хендикеп. Некогаш родителите на овие лица имаат потреба од поддршка, од внимание бидејќи нивниот живот не е лесен а немаат помош од никаде. Сакаме преку овој проект да почувствуваат дека има луѓе на кои можат да се потпрат кога им е најтешко. Ако не поддржат двете општини и министерството ние ќе го прошириме тимот како и корисниците на услугите,“ рече Златева.

Лицата со пречки во развојот кои се опфатени во проектот, ова лето, ќе бидат учесници на летен камп во Охрид. Тие таму седум дена ќе летуваат во извидничкиот центар во придружба на родител, кој ќе партиципира симболична цена за летувањето.

Претходно, деца болни од церебрална парализа и лица со пречки во развојот, кои се членови на здружението ќе минат викенд во Папрадиште. Нивниот престој во природа го помага Ротари клубот „Бели мугри“ чии членови на првиот собир организирале донаторска акција и собрале 80.000 денари. Парите ги префрлиле на здружението кое ќе може да ги користи за помош на дневниот центар во Чашка како и за потребите на децата./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.