Близнаковски: Приведувањето беше изрежирано, не сум и се заканувал на Стојанова!
Членот на извршниот комитет на ВМРО НП, Слободан Близнаковски откако помина цела ноќ во полициска станица вели дека е трн во око на полицијата и владеачката партија.
Не сум и се заканувал на советничката која ги напушти нашите редови и замина во ВМРО ДПМНЕ, тврди членот на извршниот комитет на ВМРО НП, Слободан Близнаковски. Заедно со претседателот на велешкиот огранок Зоран Арсовски цела ноќ поминаа во полициската станица во Велес откако советничката Рајна Стојанова ги пријавила дека и се заканувале по животот и семејството. Близнаковски смета дека се жртва на изрежирано сценарио.
„Веднаш дојдоа двајца инспектори од скопје кои не испитуваа и токму за тоа сметам дека ова веќе беше претходно испланирано и изрежирано од министерството за внатрешни и владеачката партија. Би сакал полицијата вака брзо да реагира и во други случаи. Јас никогаш не сметав дека во нашава држава може да се случи вакво нешто, мислев дека го има само во Африка, но ете го почувствував на своја кожа. Мислам дека сум им трн во око бидејќи сум координатор за третата изборна единица и токму поради ова сакаат да ме елимнираат од овој терен“, рече Слободан Близнаков, член на извршен комитет на ВМРО НП.
Синоќа велешкиот огранок на Народна имал состанок на кој присуствувала и Стојанова. Давала отчет пред довчерашните сопартијци зошто уште на првата седница седна во редовите на нивниот противник, а веднаш по нејзното заминување полицијата ги притворила. Исто како и по конститутивната седница и денеска Стојанова не сакаше да коментира што и се случувало и кој и се заканувал. Близнаков тврди дека се правдала дека власта и се заканувала и поради тоа отишла во нејзините редови, но не верува во оваа приказна.
„Мандатите лесно се продаваат, не се работи само за пари може да биде и за вработување или друг облик кој не може да се докаже. Но, мора да се регулираат таквите трансфери на советници бидејќи не може народот да ти ја дал довербата, сопартијците да потрошиле време и пари на тебе, а ти уште на првата конститутивна седница да отидеш во редовите на спротивната опција“, рече Близнаковски.
Инаку со трансферот на Стојанова, коалицијата на ВМРО ДПМНЕ доби 13 наспроти коалицијата на СДСМ, 10 членови во велешкиот совет. Од владеачкото мнозинство не го коментираат денешниот настан, од опозицијата свој став најавија за утре. Близнаковски и Арсовски тврдат дека сведоци на настанот биле уште шестмина нивни сопартици и очекуваат со Стојановска да се видат на суд./Б.Н.