Компјутерскиот систем на Фондот брише пациенти кои биле во странство над еден месец!
Ќе го изгубите правото на сини картони ако не се пријавите во полиција штом се вратите во Македонија, велат од Здружението на приватни лекари.
На ова апелираат од Здружението и ги потсетуваат граѓаните дека мораат сериозно да ја сватат обврската за пријавување во полиција за да не останат без сини картони ако биле над еден месец во странство.
Заедничкиот компјутерски систем ги брише овие граѓани од евиденцијата на Фондот велат од здружението и тврдат дека преку ноќ им исчезнувале пациентите.
„Апелирам сите осигуреници кои што излегуваат надвор од државата кога ќе се вратат да се пријават во МВР. Така функционира базата на податоци на Фондот за здравство која е поврзана со МВР. Во неа има податоци дека некој излегол од земјава и кога ќе се врати ако не се пријави автоматски станува пасивен пациент на нашите листи“, рече Лилија Чолакова Дервишива претседател на Здружението на приватни лекари.
За ваквиот начин на работа на системот досега не знаеле од здружението на приватни лекари. Но, откако се информирале како функционира системот бараат поголема одговорност од пациентите.
„Во дискусиите со Фондот го лоциравме и овој момент и затоа апелирам до осигурениците да ги извршуваат нивните обврски за да им се гарантираат правата“ рече Чолакова Дервишова
Сепак за сега нема официјални податоци колку пациенти се соочиле со овој проблем./Б.Н