Моторно масло се излеа во Вардар кај Велес!

Објавено на 10 мај, 2013 во 12:08

Нов еколошки инцидент, инспекциите трагаат по предизвикувачот.

Моторно масло се излеа од топилничарската канализација и заврши во водите на Вардар кај Велес. Ова  за Дума.мк го потврди општинскиот еколошки инспектор Билјана Шуркова Манаскова, која вели дека се трага по сторителот.

„Во текот на вчерашниот ден е забележано дека се излеало масло од каналот кој води до топилничарската канализација која одамна прави проблеми и на која до денес се приклучува кој ќе стигне. Заедно со екипи на ЈКП Дервен цел ден работевме на терен, земавме примероци и иако тешко оди откривањето на сторителот сепак се работи на тоа. Очекуваме да се вклучи и Државниот инспекторат за животна средина“, рече Шуркова Манаскова.

Според неа се работи за материја од минерално потекло која не се знае во колкави количини се излеала во реката, но вели дека сепак и во помали количини може да биде опасна за животната средина. Денес не можеше да се забележат никакви траги од маслото што се излеало во реката која деновиве е надојдена и на неколку локации се излеа од своето корито.

Инаку пред два месеци се излеа масло во реката, за кое  подоцна се утврди дека е со потекло од фабриката за масло „Благој Ѓорев“. Инспекторатот покрена процедура за казнување на загадувачот кој се соочува со казна до 70 илјади евра. На овие инциденти реагираа екологистите кои сметаат дека мора државните институции да ја засилат контролата, јавно да обелоденат што ќе се случи со загадувачите и за нив да следат најригорозни казни./Б.Н.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.