Јавачите на ветрот, по четврти пат, на езеро Младост!
Ги јавнаа моторите, нагазија на гасот, звукот го распара воздухот и започна играта со брзината и ветрот. Таа за некој од нив траеше дванаесет часа. За други само четириесетина минути. Првите ја започнаа од Сплит во Хрватска, вторите од Марибор во Словенија, трети од Лесковец и од Врање во Србија, четврти од Охрид, Битола, Скопје и други градови во Македонија. Но за сите заврши на иста цел, на велешкото езеро Младост.
Вечерва на езерскиот брег забавата со име Мото бич парти собра на едно место 800 мотористите од повеќе македонски градови, од Марибор во Словенија, од Сплит во Хрватска и од неколку во соседна Бугарија.
Забавата е традиционална а возењето стандардно на јамахи, чопери, хонди и уште неколку познати марки на мотори. И кога веќе сите пристигнаа на паркингот на хотелот Романтик се подготвија за дефилето по локалниот пат до Велес како и низ централата градска улица се до споменикот на Илинденците а потоа назад кон езерскиот брег.
Штом заврши дефилето започна подготовката за забавата. Се посетија штандовите за опрема, се купија маици со знакот на манифестацијата и задолжителниот билет за присуство на забавата. А додека се чекаше на сцената да излезе првиот бенд трио Давид се стартираше во место и се разгледуваа моторите. Се аплаудираше. И се така додека не почна забавата на која главниот збор го имаше Драган Б. Костиќ а потоа и легендарните Леб и сол.
А на паркингот на хотелот Романтик имаше и ваква глетка.
И годинава манифестацијата имаше мото „Носи кацига, биди безбеден“. Утре ќе биде познат точниот број на присутни мотористи како и собраните сретства кои ќе ги донираме на едно сиромашно семејство во Велес“, рече д-р Горан Јовиќ, претседател на мото клубот „Носачи на крстот“. Тие се организатори на Мото бич забавата на велешко езеро.
Забавата почна, плажата пред хотелот се наполни. Немаше слободно столче и на долната хотелска тераса, покрај базенот. Јавачите на ветрот почнаа да се забавуваат подготвени да ја дочекаат муграта на денот што доаѓа. /Б.Н
