Општината вети убрзана легализација на дивоградбите!

Објавено на 22 мај, 2013 во 14:10

Нема легализација за дивоградбите околу река Бабуна. Општината освен што таму ќе го  спроведувала законот ќе се справува и со дивоградбите кои секојдневно никнуваат во градот, посебно во населбите Рамина и околу Спомен костурница.

Градоначалникот Славчо Чадиев не кажа дали и кога ќе се уриваат нелегалните куќи и викендици во заштитената зона на Бабуна но најави ригорозни инспекциски контроли во градот.

-Ние испративме неколку екипи на терен, иако ни недостасува кадар во делот градежна инспекција, кои изрече и остави опомени на објекти кои се во градба без дозвола. Сега ќе ги анализираме нивните увиди и ќе превземеме мерки согласно законот. Во наредниот период  ќе ја доекипираме инспекциската служба со луѓе за отстранување на диви објекти, – рече Чадиев.

Нови 20 решенија за легализација на делови од куќи, куќи и деловен простор денеска беа поделени во општинската зграда. Тие се сопственост на велешани кои ги изградиле пред десетина и повеќе години а лани ја започнале нивната легализација. Пане Штериова рече дека била изненадена што општинските службеници ја повикале да си го земе решението по шест месеци откако поднела документи за легализација на дел од дивоизградената куќа.

– Платив некаде околу 50 евра за простор кој ни е изграден пред десетина години. Тоа не е скапо затоа што знам колку пари ќе ме чинеше ако не направев легализација по актуелниот закон. Задоволна сум затоа што брзо се заврши работата, за околу шест месеци од поднесувањето на документите, – рече Штериова.

Во изминативе две години општината легализирала 800 диви градби од вкупно 7.200 на нејзината територија. Во исто време за да се убрза постапката ќе формирала нови два тима кои ќе работат исклучиво на оваа проблематика. Тие заедно со постоечките, до крајот на годината, ќе треба да решат околу 3 илјади веќе поднесени барања за легализација на дивоградби во Велес./Б.Н

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.