Психолошки тест и интервју со градоначалникот пред конечниот избор на новите службеници во општината

Објавено на 22 јули, 2013 во 14:51

Само уште резултатите од психолошкиот тест и интервјуто со градоначалникот ги делат кандидатите за вработување во општинската администрација во Велес.

Општината ја објави ранг листата со кандидатите кои влегоа во потесниот избор за вработување на позиции на кои и недостасува работна сила.

По првичната селекција во Агенцијата за државни службеници за  вработување и резултатите од тестот кој го полагаа на двете слободни места за советник за спроведување на урбанистички планови во потесниот круг влегоа тројца дипломирани архитекти Тања Божинова, Саша Јовиќ и Роза Здравева.

Избор за двајца општински советници за изградба и одржување на комунална инфраструктура ќе се врши од петмината кандидати Методи Банов, Тијана Маневска, Роза Здравева, Пепита Стојковска и Томислав Босилков.

На листата за еден потребен советник, проценувач на недвижен имот, се наоѓа само Пепита Стојковска исто како и Томислав Босилков за работното место советник, овластен градежен инспектор.

За вработување на еден општински комунален редар избор ќе се врши помеѓу тројца заинтересирани граѓани Сашка Филипова, Благојка Наунова и Филип Цветков.

Вкупно 41 кандидати конкурирале на огласот на општината, за прием на 7 работници во администрација. Толку документи првично биле поднесени  во Агенцијата за државни службеници каде поради неисправни документи 13 кандидати не успеале да влезат во потесниот избор за вработување на огласените работни места.

Градоначалникот веќе изјави дека ги чека резултатите од психолошкиот тест на кандидатите кои потоа ќе треба да ги повика на интервју и да донесе конечна одлука околу нивниот избор. Запрашан како ќе постапи со оние кандидати кои немаат конкуренција, затоа што се единствени, Чадиев рече дека тоа не значело и дека ќе бидат примени на работа.

– Согласно законските прописи ако кандидатот не ги задоволува потребните услови  не мора да биде примен на работа независно што е единствен на ранг листата, рече Чадиев.

Претходно во општината на работа беа примени и 10 волонтери./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.