Живот покрај септички јами и фекалии на селските улици

Објавено: 4 август, 2013, во 09:49 часот

Белур Кадриов не сака повеќе да живее со септичка јама во близина на својата куќа во селото Сливник. Од неговата како и од јамите на соседите вели дека се загадува селото. Особено од оние јами кои се постари и непрописно изградени затоа што фекалии се разлеани по најголем дел од селските улици.

– Неколку пати баравме да превземат нешто од општината ама досега никој не дошол да види како ние живееме. Многу е тешко, верувајте кога времето е облачно или спарно, затоа што тогаш низ селото треба да се движите со маски. Па страмота нели е уште да се расправаме со вакви работи во 21 век. Барам да се стави крај на нашите проблеми еднаш за секогаш, рече Кадриов.

Место за игра до една септичка јама најдоа четири деца во селото. Тие ја допираа земјата, од неа правеа кал и градеа куќи. Се додека од нив не побараа повозрасните жители децата не се тргнаа од брегот на јамата во која се собираат фекалии од една куќа. Повеќето септички јами во Сливник се отворени и преставуваат извор на заразни болести.

Жителите знаат дека децата треба да ги држат подалеку од јамите но рекоа дека тоа не е возможно. Освен за овој проблем тие од локалната власт во Велес веќе побарале помош и за неизградената водоводна мрежа. На сред село сами ја направиле чешмата но во нивните домови вода обезбедуваат од бунари на кои се приклучени хидрофори.

– И водата незнаеме дали е исправна а ја пиеме. Страшна работа е ова. Секој месец со цистерна ја празниме јамата а тоа чини по сто евра. Во куќите имаме спроведено цевки за вода и одвод, изградивме купатила ама ги користиме ако има притисок и доволно вода во бунарот. Кога нема со пластични шишиња носиме од селската чешма, вели Јонуз.

Жителите на Сливник се единствени во барањата локалната власт најитно да постави вода и одвод во селото. Исто така да ги асвалтира останатите два километри од патот до селото. Во спротивно тие се заканија дека на 1 септември, годинава нема да ги пуштат децата на училиште  бидејќи и во училишната зграда има проблеми со простор, нема клозети и чешма.

Градоначалникот ги знае проблемите во Сливник и вели дека в година таму ќе гради водовод, канализација и ќе го асвалтира патот. До крајот на оваа година ќе ги решава проблемите во училиштето.

– Имаме готови проекти кои чекаат на одобрување во министерството за транспорт и врски. Во програмата за 2014 година ќе се обезбедат пари за водоводот и за канализацијата во селото, рече Славчо Чадиев.

Жителите на Сливник рекоа дека сакаат да веруваат оти овојпат се пред конечно решение за нивните проблеми. На дел од нив не им се чека ниту половина година./Б.Н

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.