За неколку минути, ноќеска, разбојници ограбија играчница во центарот на Велес
Ноќеска во 1 часот и 20 минути со пиштол вперен во главата на обезбедувањето, двајцата маскирани разбојници со фантомки на главите влегле и им се заканиле на вработените и шесмината гости во клубот за игри на среќа Адмирал.
Од првите побарале веднаш да ги напуштат автоматите и да се завртат со лицето кон ѕидот а од вторите да им ги дадат сите пари од касата на клубот.
Никој немал храброст ниту можност да се спротивстави па касиерот искеширал 284 илјади и 88 денари а разбојниците ги зеле, ги ставиле во торба и се дале во бегство. Се се случило во неколку минути.
Денеска никој во клубот за игри на среќа не сакаше да даде информација за случката која ги вознемири граѓаните особено оние што живеат во близина на Адмирал.
Дел од велешани во зградата од комплексот Чешел, која од Адмирал е оддалечена само десетина метри, откако од новинарите дознаа за грабежот рекоа дека поради топлото време биле будни но не забележиле ништо што би им укажало дека таму, внатре нешто чудно се случило.
Грабежот не го виделе ниту таксисти кои ноќеска биле дежурни на постојката пред Стоковната куќа, во која е сместен овој клуб за игри на среќа.
Сите се чудеа на смелоста на разбојниците кои грабежот го извршиле во објект во строгиот центар на градот. Таму во ноќните часови нема голема фрекфенција на луѓе но не е пусто./Б.Н