Велешко семејство, пет месеци живее во страв, од ново повлекување на брегот на Вардар
Семејството Лазарови пет месеци живее со страв, од брегот на реката Вардар, да не им ја повлече единствената соба во која живеат. Сонот за тричленото семејство,од февруари наваму, е вистински кошмар. Ангелина и Кире ноќе дежураат додека нивната малолетна ќерка спие во собата. Прво едниот па после другиот бидејќи ни е страв да не се повтори одронувањето на брегот како пред пет месеци кога се што имавме од купен градежен материјал, се струполи заедно со земјата во реката, раскажува Ангелина.
– Тогаш беше страшно. Од памет се извадивме кога ноќта наеднаш слушнавме како се повлече дел од брегот и се отиде во вода. Тоа беше во февруари, годинава, кога надојде Вардар и ги поплави градините во Речани. Штом водата се повлече веднаш се одрони брегот. Одтогаш наваму живееме со страв да не се повтори. Ќе останеме во дворов бидејќи двете стари соби немаат основни услови за живот а ние финансии неможеме да направиме поправки во нив а не да ѕидаме потпорен ѕид, рече Ангелина.
Куќата на овие велешани се наоѓа на брегот на Вардар, во населбата Дворови, веднаш до основното музичко училиште. Темелите на единствената здрава соба се поткопани. Еден ќош од неа е сосема соголен. Кире се сомнева дека собата ќе го издржи наредниот посилен дожд бидејќи со голо око се забележува дека брегот на реката постојано се одронува.
– Побаравме помош од општината и дојдоа инспектор и други луѓе кои снимаа, фотографираа, видоа и ни рекоа да поднесеме барање за помош. Не работиме двајцата и навистина немаме со што да го санираме брегот. Реката ни го зеде и материјалот што го собравме за да реновираме. Мислам дека не треба да не остават во ваква состојба. Ние не сме виновни па ова е штета од елементарна непогода. Затоа бараме општината да интервенира, да направи потпорен ѕид и да ни помогне да ја спасиме единствената соба, рече Кире.
Пред осум години, врз покривот на трошните соби на Лазарови, паднало дрво од дрворедот на брегот на реката. Тогаш старата врбата им ги искршила керамидите, едвај го исекле и симнале дрвото од покривот и го отстраниле од дворот а општината им дала симболични 2 илјади оштета. Лазарови сега бараат општината што поскоро да го санира брегот и да им ја заштити единствената соба без која не смеат да останат. /Б.Н