Книгата „Солунски атентатори“, единаесетто дело, на Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“
Оригиналот и уште четирите копии на книгата ќе бидат достапни за сите слепи лица во градот и во државата кои ја користат Брајовата азбука. Книгата ја подготви Тони Пајдаков од Здружението на слепи лица во Велес, кој поседува сертификат за печатење на Брајово писмо, а е испечатена на нов печатар што здружението го доби со финансиска помош на општина Велес. На денешната промоција на книгата беше соопштена и одлуката со која библиотеката го доби името на Ратко Пајдаков и постхумно му се оддолжи на човекот кој прв го воведе печатењето на книги на Брајево писмо во Македонија.
– Ова е прв печатар што едно здружение на слепи лица го добило со помош на општина. Тоа многу ни значи затоа што ќе ни помогне во издаваштвото. Подготвени сме на годишно ниво да издадеме 4 книги се разбира во колку не поддржи министерството за култура како што тоа го направи општината. Градоначалникот Славчо Чадиев е стар пријател на нашето здружение кое за разбирањето му благодари и на Советот на општината. Нивната поддршка е значајна за слепите лица во градот. Се надеваме дека соработката ќе продолжи, рече Пајдаков.
Во изминатите десеттина години книгите на Брајово писмо „Бели Мугри“, „Црно семе“, „Големата вода“, „Диво месо“, „Пиреј“, „Папокот на светот“ и останатите се многу барани во Брајовата библиотека во Велес. На слепите лица, околу 300 од вкупно 2,5 илјади во Македонија кои го користат Брајовото писмо, книгите им се доставуваат на домашна адреса. Тие ги читаат и често бараат нови дела.
На денешната промоција на последната книга од Здружението на слепи лица беше речено во колку обезбедат финансиска поддршка од институциите на државата тогаш ќе ја реализираат својата идеа за издавање на 4 книги, од македонски автори, на годишно ниво. Тие се надеваат на поддршка и од бизнис заедницата.
– Ние ќе продолжиме да соработуваме и понатаму со силна поддршка како на Сојузот на слепи така и со Здружението на глуви и наглуви лица. Во иднина ќе работиме и на други проекти. Се надевам дека ќе им помогнеме и со печатењето на книги како и со други проекти, рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Општината со 277 илјади денари ја помогна набавката на новиот печатар додека Здружението на слепи лица за печатењето на книгата „Солунските атентатори“ издвои 73 илјади денари./Б.Н