Општина Велес апелира да не се политизира проектот „Алеја на великаните“
Објавено: 17 октомври, 2013, во 14:48 часот
Со проектот кој предвидува поставување на бистите на народните херои и борците од НОБ во комплексот спомен костурница, општината, сака да обезбеди достојно обележување и почит за жртвата на велешките херои, напиша денеска општината во соопштение за јавност. Затоа смета дека секое влегување во политички пресметки на сметка на нивното херојско дело е непотребно.
Општината тврди дека досега од Боречката организација два пати добила барање за дислокација на бистите на Спомен-костурницата од кои првото на 17 мај, годинава. Токму барањата биле повод иницијатива да се најде, како предлог точка на дневниот ред на 9-тата седница на Советот на општината која се одржа на 29 септември, годинава. Тогаш на барање на советничката група на СДСМ, за дополнителна координација, точката била повлечена.
„ Советот на Општина Велес и градоначалникот го прифатија барањето на СДСМ и се согласија, инцијативата на боречката организација да се најде на дневниот ред на 10-тата седница. На 07 Октомври беше свикана 10-тата седница на Советот која се одржа на 14 Октомври, годинава. На неа како прва точка се најде Предлог-одлуката за давање согласност за преместување на спомен обележјата – постоечки бисти од Младинскиот парк и Паркот на хероите пред Ликовниот салон и нивно поставување пред спомен обелжјето Костурница. На 13 Октомври година, ден пред одржувањето на оваа седница, СДСМ достави амандман против поставување на бистите на Спомен-костурницата, а притоа на седницата не присуствуваа и не го образложија. Барањето од Сојузот на борците за стопирање на постапката за дислокација на бистите до Општина Велес беше доставено на 14 Октомври годинава за време на одржувањето на 10-тата седница. Општина Велес нема да навлегува во причината зошто Сојузот на борците достави барање за стопирање на дислокацијата и откажување од нивната претходна иницијатива, само еден ден после предложениот амандман на СДСМ, а на самиот ден на одржување на седницата“, пишува во соопштението на Општина Велес.
Од таму додаваат дека во континуитет се грижат за достојно негување и одбележување на настани и личности од периодот на НОБ и апелираат до сите политички субјекти и здруженија на граѓании да не се политизира придонесот на учесниците во НОБ.


