Повеќе нема да се поставуваат диви тезги околу градските пазари во Велес на што реагираат дивите продавачи во градот
Тротоарите пред Градскиот пазар во Велес денеска останаа празни. Наместо таму, дивите продавачи се преселија на плочникот покрај Мало мовче. Инспекторите ги избркаа од таму бидејќи не дозволуваат повеќе тезги на површините предвидени за пешаци. Тие ваква одлука донесоа откако почна реконструкцијата на мостот Гемиџии.
„Денеска ги прашав инспекторките зошто сега не бркаат а не дојдоа пред изборите. Тие немаа одговор на ова прашање. Јас од продажбата на домаќински садови го хранам моето семејство“ рече продавачот на првата тезга, веднаш до Мало мовче.
Отстранувањето на дивите тезги, според градоначалникот на Велес се прави заради поголема безбедност во сообраќајот.
„Поради реновирање на мостот ние го пренасочивме сообраќајот и сега таму има поголема гужва и затоа на прво место ни е безбедноста на граѓаните кои одат на градскиот пазар„ вели Слачо Чадиев.
Улиците околу пазарот и Стар мост се единствената сообраќајна врска помеѓу левата и десната страна на градот. Токму поради тоа овде почесто се прават застои, но дел од граѓаните велат дека за доброто на сите мора да бидат трпеливи. Според нив позначајно е да се поправи мостот и да се подобри неговата стабилност.
„Ова место ќе биде малку тесно пред се во пазарните денови ,но граѓаните ќе се снајдат ,помалку ќе идат наваму со коли повеќе пешки и така. Мостот мора да се направи ,ами ако падне тогаш што правиме„
„Мора ние граѓаните да имаме трпение. Тука ќе има гужва. Инаку ова е стара конструкција подобра е од другите во градот. Овој мост не попушта тој ќе издржи и повеќе коли по него„.
Дивите тезги ќе се отстрануваат и од пазарот во Нова населба. Реконструкцијата е при крај и во него треба да се сместат сите тезги, објаснуваа надлежните.
„Ние веќе сме во преговори со Дервен да се среди состојбата и на горниот пазар во населба. Да нема повеќе тезги надвор ,туку сите да продаваат внатре, во пазарот„рече Чадиев.
Проблемот со дивите тезги околу Градскиот пазар се провлекува со години наназад. Инспекциите по неколкупати годишно ги отстрануваат, но тие по кратко време повтроно се враќаат на тротоарите околу централниот и градскиот пазар во Нова Населба./Д.С
