Уште еден уличен херој – Ото, замина од Велес

Објавено на 5 јуни, 2014 во 08:45

Кучето, кое го преживеа атакот на суровата човечка рака и несовесност, синоќа замина од Велес за Софија од каде со авион денеска ќе стигне до Минхен а потоа и до Марсеј кај неговата нова пријателка и штитеничка, Французинката Кристел. Ото беше кучето кое повредено, изгладнето и напуштено во селото Отовица, кај Велес, го пронашла велешанката Татјана Трчкова. Таа неколку недели му пружала помош и му ги негувала раните по телото но бидејки Ото ги влечел задните нозе побарала помош од здружението за заштита на животни “Гласот на животните“ во Велес.

Членовите на здружението веднаш заминале во домот на Трчкова. Ивана е една од активистките кои згрозена од глетката за напуштеното, повредено и малтретирано куче ја покажала својата хуманост кон Ото.

„ Веднаш почнавме да баравме донации и донатори за да му помогнеме на Ото и да го однесеме на ветеринар. За среќа сеуште постојат добри и хумани луѓе кои овозможија кучето да го однесеме кај ветеринарот д-р Марин во Скопје. Направени беа неколку ренгенски снимки на кои се констатира пукнатина помеѓу четвртиот и петиот  ‘рбетен пршлен нанесена од тап предмет. Поради недостиг на финансиски средства ние не успеавме да го однесеме Ото на магнетна резонанца со која би се согледало дали има и повреда на нервите во овој предел на ’рбетот. Тоа значеше дека Ото ќе остане парализиран, започна да ја раскажува приказната за Ото, велешанката Ивана Тончова.

Таа знаела дека во таква состојба никој не ќе посака да го вдоми и да се грижи за Ото во Македонија затоа ја започнале акцијата за негово вдомување во странство.

„Започнавме да ја споделуваме приказна за Ото на социјалните мрежи и добивме многу позитивни реакции од луѓе не само од нашава земја туку и од луѓе од целиот свет. Се појавија неколку можни вдомувачи и по долго размислување ние се одлучивме новата штитеничка на Ото да биде Кристел Капитанович девојка која живее во Марсеј, Франција. Приказната не заврши тука собравме 1000 евра и купивме специјална количка со чија помош Ото се движи и го плативме патот од Велес до Марсеј. Ото три месеци беше згрижен кај д-р Марин за на 7 април да пристигне во мојот скромен дом. Срцето ми кажуваше дека Ото нема да остане парализиран за цел живот иако сите го кажуваат спротивното. Јас секојдневно му давав витамини и му правев физикална терапија на нозете. Ото од тогаш па наваму секојдневно не изненадува со неговиот напредок и секојдневно застанува на задните нозе, иако тоа трае само неколку секунди, рече Ивана.

И покрај огромните компликации што ги имале, во врска со авионскиот превоз сепак среќата им се насмевна и ноќеска Ивана заедно со Ото заминаа за Софија. До таму со автомобил а денеска во 13 часот од Софија кон Франција со авион, јунакот од велешките улици, ќе стигне кај неговата нова пријателка Кристел./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.