Среде Велес – ругло, од кое се плашат жителите на куќите во соседството

Објавено на 20 јуни, 2014 во 12:14

Опасно место за ширење заразни болести е некогашниот хотел Интернационал. Објектот полека но сигурно стана најголемата руина и тоа во центарот на градот. Искршени врати и прозорци, уништени ѕидови и купишта ѓубре во внатрешноста се декорот на оваа зграда. Велешани континуирано реагираат и се жалат на лошата состојба на хотелот која сакале или не директно влијае врз нивната животна средина.

Но најчесто со поплаки се јавуваат граѓаните кои живеат во куќите во близина на објектот. Се жалат на сметот во објектот и на миризбата за која велат дека во летните денови е неподнослива. Неретко стравуваат и да поминат покрај зградата, особено во вечерните часови, кога од внатре како што велат излегуваат сомнителни лица.

Овие граѓани сведочат дека во просториите внатре привремено засолниште нашле голем број бездомници и зависници од дрога.

„Секоја вечер приметувам дека од просторијата каде што порано беше ресторанот на хотелот излегуваат сомнителни лица. Искрено да ви кажам страв ми е да поминам некогаш од тука, а па дете не ни помислувам да пуштам,“ рече велешанка .

„Живеам во центар на градот, а како да живеам во некоја напуштена депонија. Ова е срамота. Ѓубре насекаде, а за неподносливата миризба која постојано се шири и да не правам муабет,“ рече велешанец

„Страшно, вакво нешто да ни се случува во центарот на градот е навистина срамота,“ рече вработена во продавница во близина на хотелот.

Од ваквата состојба на хотелот раце креваат и локалните власти. Велат објектот е приватен имот и не можат да интервенираат. Пред извесно време контактирале со сопственикот на објектот и му ја пренеле состојбата. Сега очекуваат тој да реагира или да го продаде објектот или да го заштити и обезбеди.

Додека не се случи тоа, напуштената зграда и понатаму ќе биде мета на бездомниците и зависниците од дрога, а граѓаните ќе мора да внимаваат кога ќе поминуваат покрај неа./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.