Мало мовче, лесно за преминување, но само за младите и здравите граѓани

Објавено на 20 јуни, 2014 во 12:56

Најфреквентниот мост во моментов во Велес им создава проблеми на постарите и хендикепираните. Неколкуте скали од едната и другата страна се бариера за овие луѓе. Денеска затекнавме неколкумина граѓани кои побараа помош, торбите и количките со производи купени од пазар, некој да им ги пренесе преку скалите.

Пешачкото мовче нема пристапна рампа, па така е недостапно и за лицата во инвалидка количка. Тие побараа надлежните под итно да направат пристапна патека.

„Јас пазарам со количка, и морам да поминам од тука. Секогаш чекам некој помлад да наиде за да ми ја пренесе количката преку скалите од двете страни на мостот. Ниту можам да ја качам ниту да ја симнам, странично на мовчево,“ рече воздрасна велешанка.

„Тука мора под итно да се направи некаква пристапна патека. Не можат повозрасните граѓани постојано некого да молат случаен минувач да им ја пренесува количката со пазарлакот,“рече момчето што и ја пренесе количката на старицата.

„Имам две внучиња близначиња и не можам сама да ги пренесам двете колички. Обавезно некој мора да ме пречека, да го ангажирам за да ги пренесеме количките. Ако има пристапна патека нема потреба од тоа,“ рече бабата на малите деца.

И локалните власти знаат за овој проблем уште од почетокот на изградбата на Малото мовче но велат дека тоа е невозможно поради условите на теренот. Според портпаролот на општина Велес, Мартин Мајсторов, службите утврдиле дека има проблем во котите на земјиштето, нема доволно простор од страните за да се изградат стандардните пристапни патеки. Проблемот бил под галаријата на мостот.

Граѓаните сепак инсистираат Мало мовче да стане пристапно за сите, особено сега кога поради реконструкција е затворен мостот Гемиџии, и за преминување преку Вардар најмногу се користи Мало мовче. Тие бараат надлежните што поскоро да изнајдат соодветно решение./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.