Во недела ќе се плива првиот маратон на велешко езеро
Професор д-р Димитрие Поповски, претседател на Пливачката федерација на Македонија, ќе биде главен судија и веќе се пријавени седуммина маратонци на првиот пливачки маратон на велешкото езеро „Младост“. Организаторите го очекуваат учеството и на врвниот македонски маратонец Томи Стефановски. Огласот за пријавување на учесниците, кои во недела на 17 август, ќе пливаат во езерото е објавен и се евидентираат заинтересираните учесници.
„Работите добро се движат. Денес на состанок во Пливачката федерација на Македонија ќе ги допрецизираме сите активности и ќе ги земеме потребните реквизити за одржување на маратонот. Особено сме благодарни на покажаната поддршка на организаторите на Охридскиот, Дојранскиот и пливачкиот маратон Козјак. Во среда ќе го одржиме последниот состанок на велешкиот организационен одбор кога конкретно ќе ги соопштиме сите информации,“ рече професорот по физичко образование Петре Петрушевски.
Тој, неговиот колега Иле Попов и уште неколкумина професори по физичко образование во Велес се иницијатори на пливачкиот маратон на езерото „Младост“. На овој начин и даваат поддршка на иницијативата на општината за промоција на езерото како транзитен туристички центар во Македонија.
Професорите поддржани од општина Велес,градскиот Црвен крст, најголемиот македонски пливачки маратонец Дики Бојаџи, искусниот кавадаречки маратонец Бошко Илиевски, како и повеќемина велешани го испливаа пробниот маратон на езеро „Младост“. Тогаш сите соопштија дека велешкото езеро има идеални услови за реализирање на пливачки маратон./Д.С
