Глутници бездомни кучиња повторно им прават проблем на велешани

Објавено на 12 август, 2014 во 12:47

Ги вознемирува нивното лаење и појавување на неколку најфрекфентни локации низ градот. Иако за среќа не се случила поголема несреќа, сепак граѓаните бараат спас од кучињата.

„ Навечер не може да се седи во Младински парк бидејќи доаѓаат од сите страни. Не напаѓаат ама може ли да имаш верба во куче па од страв синоќа го земав внучето и отидовме да седиме во паркот кај Гимназија, “ рече велешанка.

„Насекаде ги има, по улиците навечер не можеш да ги изброиш и се пазиш од сите страни. И во паркот пред училиштето Васил Главинов е страшно. Граѓаните кои таму живеат во околните згради велат дека ноќе таму сам не можеш да се движиш оти напаѓале, “ рече велешанец.

Дека бројот на бездомните скитници во последниов месец во Велес драстично се зголеми потврдуваат и локалните власти. Велат дека се почесто можат да се видат како скитаат и домашни миленичиња чии сопственици се откажале од нив. Но од таму велат дека тешко може да се реши проблемот со кучињата. Немаат право ни пак можат да издадат налог за да се отрујат, ниту пак имаат простор каде ќе можат сите да ги сместат. Стационарот велат е скапа инвестиција која тие во моментов не можат да си ја дозволат.

„Општина Велес трпи и голема финансиска штета, бидејќи досега имаме исплатено поприлично високи суми на пари на граѓани кои се нападнати и каснати од куче скитник. Тоа е факт. Но исто така имаме ограничени ресурси и не можеме сите да ги соберем на едно место. Вардарскиот плански регион може само да аплицира за да обезбеди пари за изградба на стационар, но сам не може тоа да го реализира, “ рече градоначалникот Чадиев.

Локалните власти го осудија неодамнешното труење на кучињата и мачките во велешката населба Дворови, но сепак се оградија од ингеренциите да го спречат. Според нив ветеринарната служба треба да се грижи за бездомните кучиња. Оваа институција од буџетот на општината добила еден милион денари за заловување, кастрирање и обележување на кучињата скитници.  Засега единствениот општински комунален редар ќе мора и покрај другите обврски да внимава и на појавата и опасноста од кучињата скитници се додека општината не вработи втор./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.