Прв пливачки маратон на велешко езеро

Објавено на 17 август, 2014 во 07:45

Се плива првиот пливачки маратон на „Младост“. Педесет  маратонци, меѓу нив и врвни имиња во долгометражно пливање, денеска ќе пливаат три трки со почеток во 10 и во 11 часот. Меѓу учесниците е и најдобриот македонски маратонец Томи Стефановски. Првата трка е со должина од 2.500 метри, втората 5.000 метри и третата поточно олимписката дисциплина ќе се одржи на стаза долга 10 километри а ќе се плива во машка и  женска конкуренција. Стартот и целта на маратонот се на плажата пред хотел „Романтик“.

Директор на трката ќе биде проф д-р Димитрија Поповски, еден од најреномираните тренери по пливање во Македонија, а врховен судија ќе биде Соња Николовска поранешна најдобра пливичка на Македонија. Трката ќе ја обезбедуваат 55 спасители за безбедност на вода на Црвениот крст на Македонија, најголем дел од нив од Велес и 20 кајакари на велешкиот клуб „Бабуна“.

Иницијативата за одржување на пливачкиот маратон на велешко езеро е на професорите по физичко воспитување во Велес. Тие на овој начин ја поддржуваат општината во намерата езерото  да стане попривлечна транзитна туристичка дестинација во државата.

„Се е подготвено за првиот пливачки маратон на Младост. Стазата е одбележана уште вчера а плажата преуредена за потребите на маратонците. Нашите очекувања се големи, сакаме да покажеме дека езерото има идеални услови за одржување на маратонско или долгометражно пливање. Денешниот ден за нас е голем ден и на сите учесници им посакуваме среќа во намерата да ги освојат најдобрите лични резултати,“ рече претседателот на Организациониот одбор на маратонот, Петре Петрушев.

„Им благодариме на сите пливачи што се одзваа на нашата покана, на Пливачката федерација на Македонија што ја разбра и поддржа нашата иницијатива. Се надеваме дека за долгометражното пливање на Младост набрзо ќе слушне Европа и Светот, “ рече Иле Попов, член на Организациониот одбор на пливачкиот маратон.

Маратонот е во организација на Агенцијата за млади и спорт и ЈП „Јасен“ од Јасен. Организациски партнер и носител на активностите за Општина Велес е ОО на Црвен крст Велес и Кајак кану клубот „Бабуна” од Велес. Пливачката федерација на Македонија и Општина Велес се покровители на оваа спортска манифестација.

Пред еден месец, предводен од маратонецот д-р Бошко Илиев, повеќемина искусни пливачи од Велес во езерото пливаа пробен маратон и констатираа дека Младост поседува идеални услови за долгометражно пливање. /Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.