Почна летната, дводневна, акција за дарување на крв
Eдни за прв пат други по стоти пат, велешани уште еднаш ја потврдија хуманоста. Тие масовно се одзваа на акцијата несебично дарувајќи крв.
„Ова ми е 98-ми пат како дарувам крв и ќе продолжам се додека сум здрав. Секогаш сум дарувал затоа што сакам да помогнам, да спасам човечки живот. Тоа е нешто непроценливо.“
„Не ми е прв пат, ова ми е тринаесети пат што дарувам крв. Им порачувам на сите оние кои досега не дариле крв да го сторат тоа бидејќи чувството дека можеби сте спасиле нечиј жиот е неповториливо.“
Над седумдесет крвни единици за неколку часа се собраа денеска на летната крводарителска акција. До крајот на денот се очекува оваа бројка да се зголеми чети пати и на крајот на првиот ден од акцијата да се соберат над 300 крвни единици. Голем одзив на велешани се очекува и на утрешниот, втор ден од крводарителската акција.
Од институтот за трансфузиона медицина се задоволни од одзиот на граѓаните кои секогаш го надминуваат македонскиот просек во крводарување.
„Ние секогаш сме задоволни од велешани, значи тука сме и на помали акции и ја следиме состојбата и можам да кажам дека дури 5 проценти од населението дарува крв што е над македонскиот просек, рече д-р. Миленка Богоевска од Институт за трансфузиона медицина.
Општинскиот Црвен крст веќе две децении ја организира крводарителската акција, која според собраните крвни единици секогаш е меѓу првите во земјава./Д.С
