Од рака во рака, факелот на мирот денеска мина низ Неготино, Кавадарци и Велес
Велес беше само една станица на големата светска иницијатива која во февруари годинава започна во Португалија. Целта е да се прати порака за мир и да се смени состојбата во светски рамки. Факелот во Велес го придружуваа учениците од основните и средни училишта.
„Навистина имам чувство дека луѓето во Македонија мирот го сваќаат сериозно и тој за нив е важно прашање. Знаете Балканот не е мирно место. Затоа луѓето од овде го ценат мирот. Ние не носиме мир туку само ги потсетуваме луѓето дека секој е одговерен за него. Тој не е загарантиран ,треба да се работи за него да се заслужи„ велат од Светска иницијатива „Трка на мирот“.
Од името на општината факелот на мирот денеска го пречека советникот Петре Саздов. Тој истакна дека ваквите манифестации секогаш ќе бидат поддржани од општината.
„Пораката е многу јасна и очигледна и затоа ја разбраа сите ,па дури и децата. Тоа е да владее насекаде мирот во светот, рече Петре Саздов.
Пред да пристигне во Велес, факелот на мирот го пречекаа и неготинци и кавадарчани. Градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов им посака срдечно добредојде на сите учесници во трката искажувајќи го своето задоволство што во истата се вклучија и 15 ученици од ОУ „Страшо Пинџур“ кои со своето учество дадоа придонес во традицијата на подавање на факелот од рака на рака во трката која поминува низ многу држави и на тој начин поврзува училишта, организации, градови и луѓе од различни култури и националности.
Луѓе од сите општествени области се вклучени во иницијативата „Факел на мирот“. Тој досега помина над 3 000 километри. Јадрото на трката го сочинуваат дванаесет тркачи од исто толку земји кои штафетно во текот на денот поминуваат помеѓу десет до дванаесет километри.
Своето патување и пренесување на пораката за мир и толеранција, факелот на мирот ги завршува во соседна Србија./Д.С
