Граѓани барат општината да уреди простор позади училиштето „Св. Кирил и Методиј“
Обрасната трева, расфрлан смет и по некој шприц, вака изгледа местото зад основното училиште „Св. Кирил и Методиј“. Станува небезбедно и опасно, се жалат граѓани кои живеат таму особено за делот во кој постои локација на стара куќа. Тие не сакаа да зборуваат јавно, но раскажаа како со страв минуваат покрај ова место во вечерните часови, бидејќи не е осветлено. Граѓаните се жалат дека на посочената локација честопати се собираат поголеми групи на млади луѓе и ги вознемируваат.
Од основното училиште пак нема поплаки за местото иако се наоѓа веднаш до училниците. Од таму велат дека децата немаат никаков контакт со проблематичната локација бидејќи ги користат трите заградени и обезбедени дворови во склоп на објектот. Постапката за уредување на местото е веќе почната. Неколку пати досега се косела тревата а надлежните во училиштето и сега поднеле барање до општината и ЈКП „Дервен“ за средување на просторот.
„Со децентрализација тоа место му припадна на училиштето но во катастар се уште нема имотен лист за него, па затоа не можеме ништо на своја рака да преземеме. Досега неколкупати го чистевме со машинерија просторот, а веќе има изготвено и проект за негово уредување. Ние немаме никакви поплаки бидејќи децата воопшто немаат контакт со тој простор,“ рече директорката на училиштето, Анита Мирчевска.
Градската власт е запозната со овој проблематичен простор. Од таму велат дека имале проект за уредување и во скоро време запуштеното место ќе било претворено во пријатно катче за мештаните и учениците./Д.С
