Воз прегази Авганистанец кај Згрополци, ќе биде погребан во Велес

Објавено: 1 ноември, 2014, во 14:38 часот

Трагично заврши илегалното патување на дваесет годишен бегалец од Авганистан. Возот што сообраќал на релација Трубарево- Гевгелија го прегази момчето и му откина дел од телото. Трагичниот настан се случил околу полноќ на пругата Градско- Згрополци, кога товарниот воз го удрил авганистанецот. Тој заедно со неговиот четириесет и четири годишен татко и четирите малолетни сестри во кобниот момент се движеле по пругата. Машиновозачот ги забележал, се обидел да го сопре возот, но не успеал. Возот го поткачило момчето, му откинал дел од телото кога го прегазил. Потоа таткото телото на момчето го покрил со камењата од пругата по што заедно со четирите малолетни ќерќи продолжиле да се движат во правец на Скопје.

Несреќата во полицијата ја пријавил машиновозачот. На местото каде се случила ноќеска излегле полицијата и јавниот обвинител. Тие само го пронашле откинатиот дел од телото на прегазеното момче. Поради темнината истрагата продолжила утрово кога исто така стигнала пријава и од таткото кој заедно со девојчињата стигнале на железничката станица во Скопје. По дадените инструкции на таткото увидната екипа го пронашла закопаното тело на загинатото момче.

„Утринава во 06.20 часот, авганистански државјани на возраст од 44 години пријавил во полициско одделение за обезбедување возови во Скопје дека во раните утрински часови поточно дваесеттина минути по полноќ додека со уште еден маж и четири малолетни деца додека се движеле пеш по железничката пруга Градско-Згрополци на нив наишол товарен воз и едно од децата кои биле со него е прегазено. Тој исто така, пријавил дека телото го покрил со камења од пругата и продолжил заедно со четирите деца да се движи пеш кон Скопје.Идентитетот на прегазениот е утврден, рече Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.

Таткото, кого полицијата го спровела до Велес, го идентификувал телото на сопствениот син денеска откако било откопано од Згрополци. Синот ќе биде погребан на гробиштата во Велес бидејќи таткото рекол дека нема пари за транспортни трошоци. Тој со ќерките сепак деновиве ќе бидат протерани од Македонија.

Мигранти од Авганистан, Сирија и Палестина често се забележуваат на пругата што мине низ Велес за Скопје. Сите доаѓаат од Гевгелија. Досега на железничката станица во Велес се откриени над двеста бегалци, меѓу нив имаше и жени и деца. Тие се обидуваат транзит да ја минат Македонија и да стигнат во Србија./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.