До новогодишните празници вода ќе стигне и во домовите на жителите на населба „Порцеланка“

Објавено на 23 декември, 2014 во 13:02

Кофите и бурињата ќе бидат минато за жителите на населбата Порцеланка во Велес. Во нивните домови ќе протече чиста вода за пиење откако четири години живеат со секнати чешми. Сега граѓаните здивнаа бидејќи општината ја почна изградбата на водоводната линија преку која ќе бидат приклучени на градскиот систем и ќе користат чиста и здрава вода од хидросистемот „Лисиче“. На овој начин се решава горливиот проблем кој со години ги мачеше тамошните жители во десетината куќи, оддалечени околу 5 километри од периферијата на градот. До сега ним градските комуналци им дотураа ,еднаш неделно, вода со цистерна.

„Ова за нас значи живот, го обезбедивме најосновното нешто за нормален живот. Знаете како ни беше досега, маки мачевме, се килавевеме со кофите и бурињата од цистерната, а со вода за пиење се снабдувавме од продавница. Општината ни вети и еве го исполни тоа,“ рече Сафет Мехмедовски кој живее во населбата Порцеланка.

„Како домаќинка ова за мене многу значи, нема повеќе да мносам вода со кофи и да се мачам, бидејќи се разболев од тоа,“ рече Драгица Кузмановска.

„Добро е што ни донесоа вода конечно, сега уште одвод да ни направат,“ рече жителка на Превалец.

Населбата е директно поврзана со градската водоводна линија. Таму моментално се копаат дупките каде ќе бидат поставени цевките за вода. Градоначалникот Чадиев вели дека до Нова година овие луѓе ќе добијат вода за пиење. Приклучокот на населбата со градскиот водоводен систем ја чини општината четиристотини илјади денари.

„Приклучени се до шахтата што беше обврска на општината сега со лични средства ќе треба да ја заменат водоводната мрежа бидејќи е стара повеќе од десет години и не е функционална. Конечно ќе бидат задоволени основните потреби на овие луѓе,“ рече Чадиев.

Деветте фамилии што живеат во населбата четири години немаа капка вода за пиење. Претходно ја користеа чешмата која за нив ја изгради фабриката „Порцеланка“ во дворот. Жителите полнеа вода и носеа дома. Но чешмата секна кога беше ставен катанецот на влезната капија на фабриката и почнаа  проблемите на четириесеттината жители на населбата „Порцеланка“. Откако пред четири години се побунија општината го задолжи јавното комунално претпријатие „Дервен“ да ги снабдува со вода во цистерна, два пати неделно во лето и еднаш недело во зима./Д.С

 

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.