Кривична пријава за првиот обезбедувач во малолетничкиот затвор во Велес
Објавено: 24 јануари, 2015, во 13:49 часот
Раководителот на секторот за обезбедување во велешкото одделение на воспитно-поправниот дом Тетово ќе одговара за кривично дело несовесно вршење на службата бидејќи сокрил настан во кој малолетник беше силуван од други штитеници на Домот. Тој откако бил известен за случајот не го пријавил до надлежните органи со што несовесно постапил и сторил кривично дело.
Минатата година, за период од четири месеци, се случија две силувања на малолетници во овој поправен дом. Шеснаесет годишно момче кое издржувало казна затвор, доживеало тешки трауми откако во мај лани го силувале други четворица штитеници. Тогаш надлежните не презедоа никакви мерки освен што грозоморниот чин го заведоа само во книгата за дневни настани. Дури кога по еден месец момчето успеало да го пријави случајот реагираше Јавното обвинителство и поведе постапка против силувачите но и за двајца вработени во Домот кои не постапиле по случајот.
По обелоденувањето на инцидентот со силувањето на малолетникот, Јавен обвинител, презел низа мерки за расветлување на случајот. Биле испитани повеќе лица вработени во Домот како и невропсихијатриско вештачење на оштетеното момче.
Против силувачите Основното јавно обвинителство во Велес веќе има поднесено барање за поведување на подготвителна постапка пред Судијата за малолетници во велешкиот суд и истата е во тек.
Двете силувања на малолетници во поправниот дом, лани, ја згрози јавноста, дотолку повеќе што девијантните однесувања на малолетниците некој се обидуваше да ги сокрие. Социолозите за виновни ги посочија социо психолошките служби и вработените во установата. Тие тогаш рекоа дека комплетно затаила работата на службите додека вработените во установата не покажале одговорност кон ваквите настани./Д.С


